Новинарот, уредник и презентерка на вестите на телевизија Телма, Јасминка Аневска, во вестите вчера, со спуштање на слушалка на црвен телефон на симболичен начин се спротистави на обидите за цензура во медиумите. 

Нешто подоцна истото го направи и водителката на емисијата „Топ тема“, Снежана Лупевска.

Телевизијата информираше дека се работи за кампања „Не примаме нарачани вести, ниту од власта ниту од опозицијата“, насочена против сите форми на притисок што се водат врз новинарите, која ќе продолжи во наредните денови. Автори на кампањата се директорот на телевизијата Атанас Кировски и креативниот директор на „Њу момент“, Душан Дракалски.

На кампањата на Телма реагираше владејачката ВМРО ДПМНЕ, која побара телевизијата јавно да објави кој и се заканувал и кој вршел притисоци врз новинарите. 

„Ако не ги ослови работите со име и со презиме, тогаш ќе остане јасно дека црвени телефони и површен маркетинг за слобода им се позначајни од транспарентноста и точното информирање“- се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

OhridNews