Tри нови случаи на лица инфицирани со ХИВ/СИДА се регистрирани годинава во Охрид. Д-р Јованка Стурлакова Коровешоска, специјалист епидемиолог, на денешната презентација на податоците за состојбата со инфекции со ХИВ вирус на територијата на целата држава и во регионот на Охрид, а по повод 1 Декември – Светскиот ден на борба против СИДА, истакна дека за разлика од минатат година кога имавме два новорегистрирани слуачи на ХИВ/СИДА, оваа година имаме еден случај повеќе потенцирајќи дека лицата се на различна возраст и на различен начин се имаат инфицирано.
1-ви декември, Светски ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА (1-7.12.2023 г.), Црвен крст Охрид го одбележува со низа активности во рамките на светската кампања под мотото „LET COMMUNITIES LEAD” „НЕКА ЗАЕДНИЦИТЕ ВОДАТ“ потенцирајќи го значењето и важноста од заедничкото делување во борба против СИДА-та. Овој ден претставува заедничка борба, не само медицинска туку и општествена, во која секој сегмент има клучна улога, вели Даниела Велјановска, дипломиран социјален работник од Црвен Крст Охрид.
Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) согласно постоечката евиденција на пријавени случаи заклучно со 31 октомври 2023, кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Република Северна Македонија, за периодот 1987–2023, изнесува 631, а од нив, согласно податоците со кои располага ИЈЗ 125 лица починале, а 506 лица живеат со ХИВ/СИДА.
Во билтенот за заразни болести од 9 ноември годинава ИЈЗ објави дека во текот на месец октомври, пристигнати се пријави за четири новорегистрирани лица со ХИВ/СИДА.
Од анализата на пристигнатите пријави се забележува дека лицата се на возраст од 25-54 години, а три лица се од машки пол. Две од пријавените лица се регистрирани од Кочани, додека другите во останатите градови. Во однос на веројатниот ризик за стекнување на ХИВ инфекција, регистрирани се по две лица со хетеросексуална трансмисија и од МСМ популацијата. Во текот на месец октомври, регистрирани се два смртни случаи од ХИВ/СИДА, еден смртен случај на лице пријавено во 2022 и еден смртен случај од новорегистрираните лица во месец октомври 2023.
Н.С.Ј.
Видео. Б. Стојаноски