Петнаесет туристи, сите државјани на Бугарија, го загубија животот во големата несреќа што вчера се случи во Охридското Езеро во близина на авто кампот „Елешец“. На  бродот „Илинден“ на кобното патување имало 53 бугарски туристи и тројца македонски државјани. Двајцата бугарски туристи по кои се трагаше воопшто не се качиле на бродот.


Според едни изјави на надлежните бродот имал капацитет од 42 патници, а според други носивоста му била 52 патника.  Бродот кој е изграден пред 8 децении, технички бил исправен, но не располагал со потребниот број елеци за спасување. Но, кои биле причините за несреќата на бродот „Илинден“ треба да открие истрагата, во која се вклучени полицијата и капетанијата на пристаништата. Голем дел од туристите биле непливачи и само присебната и брза интервенција на еден глисер и бродовите „Александрија“ и „Кристина“ кои брзо пристигнале на местото на несреќата спречиле поголема трагедија.

Местото на несреќата го посети државниот врв кој изрази длабоко жалење за несреќата. Во Охрид допатува и бугарскиот претседател Прванов, како и неколку владини министри на Бугарија. Преживеаните со специјален лет синоќа од Охрид се вратија во Бугарија, а телета на загинатите се предадени на обдукција.

Несреќата на бродот „Илинден“ е најголема во историјата на Охридското Езеро.

Бродот “Илинден“ беше стар 85 години

“Илинден“ бродот кој денеска потона во
водите на Охридското езеро, е стар 85 години, а произведен е во 1924
година во Регенсбург, Германија.  Како што велат од охридската
капетанија тој поседувал уредна документација.


Бродот „Илинден“


Последниот
технички надзор на бродот бил извршен во мај годинава, е дозвола за
пловидба имал до мај наредната година. Бродот „Илинден“ според
документацијата, бил регистриран за превоз на 43 патници.


Сопственик на бродот е охриѓанецот Димитар Филевски, а во моментот на несреќата го управувал неговиот 23 годишен син Сотир.

Министерот Јанакиески поднесе оставка

Министерот за транспорт и врски во
Владата на Република Македонија, Миле Јанакиевски поднесе неотповиклива
оставка на функцијата поради тешката бродска несреќа што денеска се
случи во водите на Охридското Езеро.


Заради морална одговорност поради несреќата во Охридското Езеро,
телефонски го известив премирот Никола Груевски дека поднесувам оставка
од функцијата министер за транспорт и врски. Од информациите што ги
добив од капетанијата, се потврдува дека бродот имал дозвола за пловење
до 22 мај 2010 година. Бродот бил регистриран за 43 патници. Но, за жал
бродот превезувал многу луѓе од она што било предвидено
– рече Јанакиески.

Ohridnews