Во организација на едриличарските клубови „Меч Рејс Клуб“ од Охрид и „Нов Ветер“ од Скопје за прв пат во Македонија се одржа елитно спортско натпреварување во едрење како дел до Европската Меч Рејс Тура. Се натпреваруваа осум тимови од Македонија, Шпанија, Грција, Полска и Франција, составени од четири членови на екипаж, односно вкупно триесетидвајца натпреварувачи.

Во идеални услови на Охридско Езеро со одличен ветер, натпреварувачите прикажаа одлична тактичка и физичка подготвеност и докажаа дека заслужено се дел од ова натпреварување. Регатното поле беше поставено пред старото пливалиште кај хотел Палас, каде беше и официјалната фан-зона од која бројните едриличари имаа можност да следат возбудливи дуели и да ги споделуваат своите искуства со сите пристуни, а со цел поголема промоција на едрењето во Македонија.

Првото место го освои Тимоте Полет (Франција), победувајќи го Бено Дижу (Франција) во финалната трка. Третото место му припадна на Јорданис Боутцелиоглу (Грција).

Успешната организацијата на „Европскиот Меч Рејс Куп – Охрид 2024“ ги постави Македонија и Охридско Езеро на светската едриличарска мапа и претставува огромна мотивација за организација на вакви настани и во иднина.

Организаторите се заблагодаруваат на сите едриличарски клубови, волонтери, организации, локална самоуправа и партнери за огромната поддршка во организацијата на овој настан.

OhridNews