Со грандиозен концерт на светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин заедно со оркестарот на Македонската филхармонија на 12 јули на Античкиот театар ќе биде отворено 64-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
И оваа година зачекоривме со голема возбуда, но и со стремеж да го зачуваме реномето на најпрестижна културно-сценска манифестација, рече директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ на денешната прес конференција на која беше презентирана целокупната програма за овогодинешното издание. Посочи дека светски познатиот виолинист Рахлин е еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти кој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрална интерпретација.
Предизвикот да се биде домаќин на уште едно незаборавно издание на фестивалот „Охридско лето“ нѐ обврза да понудиме квалитет со кој на сцената по 64 -ти пат ќе одекне магијата на бројните светски музички гласови и творечкиот дух на врвните театарски претстави. Од 12 јули до 20 август на отворените сцени, Антички театар, Долни Сарај, Предворје Св Софија, како и Црквата Св Софија и Центарот за култура ќе пречекаме над 500 уметници од 24 земји: Србија, Литванија, Словенија, Германија, Австрија, Велика Британија, Италија, Јапонија, Русија, Чешка, Венецуела, Бразил, Шпанија, Црна Гора, САД, Хрватска, Словачка, Романија, Грција, Кина, Полска, Франција, Белгија и секако, уметници од Република Северна Македонија. Љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 27 концерти, 6 театарски претстави и 3 настани во дополнителната програма, вели директорката Поповиќ.
Селекторката на музичката програма, маестра Бисера Чадловска истакна дека оваа година 64-то издание на публиката ќе и донесе исклучителна можност да го слушне еден од најпознатите светски виолинисти Џулијан Рахлин, кој ќе настапи како виолинист и диригент на самото отворање заедно со оркестарот на Македонската филхармонија.
Среќна сум што Македонската филхармонија ќе настапи на „Охридско лето“ во годината кога Институцијата одбележува 80 години од нејзиното постоење. Не очекуваат голем број настани меѓу нив македонските изведувачи Марија Ѓошевска и Славица Мицовска-пијано дуо, Влатко Стефановски кој оваа година одбележува 50 години од неговата кариера, концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, охриѓанецот Климент Тодороски-виолинист. Имаме два концерти посветени на македонските композитори Томислав Зографски, Стојче Тошевски и Гоце Коларовски. од странските музичари ќе може да се слушнат меѓу другите германскиот гитарист Герхарт Рајхенбах, британскиот пијанист Бери Даглас, српскиот виолончелист Драган Ѓорѓевиќ Сузуки заедно со рускиот пијанист Андреј Гугнин и уште многу други. На роденденскиот концерт на фестивалот ќе настапи салса ансамблот „Меркадонегро“ кој ќе ги разбие класичните концерти. На завтворањето на музичкиот дел ќе настапат врвната белгиска виолончелистка Ками Тома бо придружба со францускиот пијанист Жулиен Брокал. Оваа година очекуваме уште едно успешно издание на „Охридско лето“ со концерти исполнети со многу публика, рече Чадловска.
Селекторката на драмската програма на „Охридско лето Сања Арсовска за престојното фестивалско издание најави разновидна театарска авантура, со разноликост во столовите, форматите, естетитеката, драматургијата, со најголема застапеност на женските ликови.
Она што ќе ја одбележи овогодинешната програма се трите театарски премиери – на домашните театари од Велес и Битола со претставите „Рацин“ и „Галеб“, како и светската премиера на „Кралот Лир“ на Лит Мун Ворлд театарот од Санта Барбара, Калифорнија. Ќе може да се погледнат и театарските изведби на Совенечкото гледалишче од Марибор со „Безгрешна“ во режија на познатиот Томаж Пандур и неговата сестра која ја завршува претставата по неговата смрт, потоа стенд-ап шоуто со познатиот српски и интернационален актер Никола Ѓуричко, „Лет над кукавичиното гнездо“ со Драмскиот театар од Белград и „Алиса во земјата на стравовите“ со Југословенското драмско позориште исто така од Белград. овогодинешното „Охридско лето“ ќе биде затворено со претставата „Алиса во земјата на стравовите“ во изведба на Југословенски драмски театар Белград. Се надеваме дека ќе имаме полни гледалишта и задоволна публика, рече Арсовска.
На прес конференцијата беше посочено дека фестивалот „Охридско лето“ како дел од Европската Фестивалска Асоцијација ќе продолжи да ги негува високите културни вредности за да го задржи епитетот на високо реномиран европски фестивал.
Н.С.Ј.
фото/видео. Б. Стојаноски