Мартин Гоџо од Варош го фати светиот крстот што на празникот Богојавление Водици, денеска, беше положен во осветените води на Охридското Езеро. Тој беше најсреќен помеѓу неколкуте стотини капачи. Мартин светиот крст го фати и во 2022 година.

Ова е огромна чест за мене, мојата фамилија, мојата тајфа. Како и секоја година и годинава беше водата во Охридско Езеро. За тој што е суден крстот за него ќе биде. Без разлика кој го положува крстот во Охридското Езеро важно е да се извади, важен е празникот и кршевањето на водите. Поскаувам здравје среќа берикет на мене, мојата фамилија и мојата тајфа, вели Гоџо.

Светиот крст во водите на Охридското Езеро беше положен од градското пристаниште, а чинот на полагањето го изврши Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Претходно беше отслужена богослужба и света литургија во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Празнувањето на Богојавление всушност е продолжување на радоста што ја доживуваме чествувајќи го Божиќ. Тие два празника на коишто некои отеци им го даваат заедничкото име зимен Велигден се настани кои во себе ја носат вистината на доаѓањето на синот Божји на земјата, рече во посланието архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Денес на Богојавление треба да размислуваме за тоа каква е нашата духовна облека, каква е нејзината чистота, каква ни е чистотата на срцето и каква е содржината на нашите дела и да размислуваме со колку чисти души и мирна совест стоиме пред отворените небеса од каде доаѓа гласот што води кон вечната вистина. Треба да знаеме дека светото Христово крштение, светите Христови облеки не се надворешни, туку се внатрешен украс и секој што го примил Христовото име за свое, секој што се крстил, тој треба да се преобрази. Затоа секој од нас е должен да внимава на сопствената морална чистота и со добри дела да се потрвдува дека е достоен член на Светата црква. Како Христијани и членови на Светата црква имаме уште едно задолжение. Должни сме оние кои сеуште не го рабрзале доаѓањето на Бога како Богочовек на земјата да ги упатуваме кон Јордан, кон Христовото крштрение, односно кон тајните на верата Христова. Да се погрижиме да бидеме достојни носители на Христовот име, на името Христијани и да ја чуваме чиста облеката која сме ја примиле во моментот на светото крштение, рече архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

На чинот на положување на Светиот крст присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска – Давкова и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Оваа година како што доликува ја имавме честа архиепископот г.г. Стефан да ја освети водата и да го положи крстот во Охридското Езеро. Голем број на претставници и државниот врв, претседателката на Македонија се присутни. Во Охрид секоја година е централната манифестација, но годинава по сите параметри беше и најпосетена и како што доликува на Балканскиот Ерусалим. Му посакувам многу здравје, среќа и успех на фаќачот на крстот Мартин Гоџо кој по вторпат го фаќа крстот. Од Општина Охрид за фаќачот на крстот има икона и рачно изработен филигран традиционално како и секоја година, рече Пецаков.

Во Охрид на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавелие – Водици и положувањето на светиот крст присуствуваше и претседателот на СДСМ Венко Филипче кој упати честитки до сите верници од име на СДСМ и до фаќачот на крстот.

На момчето од Варош му посакувам здравје, среќа и успех оваа година, и на сите кои денес во студените води на Охридско Езеро скокнаа и се обидоа да го фатат крстот. Тоа е знак дека имаат многу голема ментална и физичка сила. Овие празници секогаш треба да не потсеќаат на тоа во име на солидарноста да работиме заедно, го унапредуваме општеството, правиме подеднакви и подобри можности за сите без дискриминација на ниту еден човек, рече Филипче.

Претседателот на Црвен крст Охрид Сашо Точков истакна дека од безбедносен аспект се поминало во најдобар ред.

Имавме 15-тина интервенции во вода на капачи кои беа промрзнати, но ништо сериозно. Имавме многу посериозни интервенции седум на копно и пред самиот почеток на осветување на водата две посериозни интервенции, истакна Точков.

Традиционално, фаќачот на крстот заедно со неговата тајфа денеска ќе ги посетат домовите на охриѓани честитајќи им го големиот празник Богојавление – Водици.

Настанот на градското пристаниште во Охрид го проследија голем број граѓани од Охрид, земјава и светот.

Одбележувањето на големиот верски празник Богојавление-Водици и годинава се одржува во организација на Дебарско – кичевската епархија и локалната самоуправа, а со поддршка на јавните претпријатија, Црвен крст Охрид, нуркачките клубови, здравствените установи, ТППЕ Охрид, СВР Охрид.

Н.С.Ј.

фото/видео. Г. М./А. Момироска