Два разорни земјотреси со јачина од 8,9 и 7,9 степени според Рихтер ја погодија Јапонија, предизвикувајќи разорни цунами бранови високи 10 метри кои навлегле повеќе километри на северниот брег од земјата. Во катастрофата животот го загубија стотици лица, но се стравува дека бројот на жртвите може да биде многу поголем, бидејќи според јапонските медиуми 88.000 лица се водат за исчезнати.

Апокалиптичната слика од Јапонија која денеска го обиколи светот говори за силината на катастрофата. Огромните цунами бранови носеа бродови и автомобили и рушеа мостови и патишта. Цунамито потопило брод со сто патници, а исчезна и воз кој се обраќал од најпогодениот град Сендаи до Ишиномаки. Земјотресот чиј епицентар бил 400 километри североисточно од Токио, триесетина километри во Тихиот Океан, предизвика многу разурнувања и пожари и во јапонската престолнина. Затворени се четири нуклеарни централи во епицентрачното подрачје, а поради опасност од радијација евакуирани се околу 6000 житали од околината на нуклеарната централа во Фукушима, каде избил пожар.

Oпасност од цунами е прогласена на повеќе континенти од Русија до Средна Америка, а јапонските власти ги повикаа граѓаните да останат во засолништата бидејќи не е исклучена можноста од појава на нови цунами, бидејќи тлото под Тихиот Океан сеуште не мирува. Јапонската метеоролошка служба предупреди дека во период од еден месец земјата може да ја погодат уште разорни земјотреси со јачина до 7 степени според Рихтер.

Земјотресот што денеска ја погоди Јапонија е седми најсилен измерен земјотрес во историјата на човештвото. Најсилен е земјотресот што во 1960 година го погоди Чиле – 9,5 степени според Рихтер, потоа следи земјотресот на Аљаска во 1964 – 9,2 и катастрофата на Суматра – 9,1 степени според Рихтер, која во 2004 година однесе 300.000 животи.

OhridNews