Во светот годишно како последица на загаден воздух умираат над 3 милиони луѓе. Во Македонија не постојат прецизни податоци за поврзаноста на загадениот воздух со одредени болести или смртни случаи, но стручните лица укажуваат на последиците што ги предизвикуваат штетните честички во воздухот што го дишеме, како што е зголемениот број на заболени од карцином. Недостигаат и релевантни податоци, како и статистики и научни студии врз основа на кои треба да се носат мерки и одлуки за намалување на проблемот со загадувањето на воздухот од што не се поштедени ниту жителите на Струга и Охрид за кои долго се сметаше дека дишат чист воздух. Тоа создава простор за дезинформации укажуваат експертите.

Охрид наутро, март 2024. Фото: Никола Паскали

Распослани покрај Охридското Езеро, помеѓу планините Галичица и Јабланица на надморска висина од речиси 700 метри, на простор каде се судруваат медитеранската и континенталната клима, градовите Струга и Охрид долго се сметаа за еколошки чисти подрачја каде нема загадување, а жителите дишат чист воздух. Но, тоа не е така вели Никола Кукунеш, еко активист вклучен во проектот за справување со загадувањето на воздухот поддржан од УНДП, владата на Шведска и Министерството за животна средина. Во рамки на овој проект за прв пат се спроведени релевантни мерења за присуство на штетните ПМ честички во воздухот во Струга.

Поставен беше еден уред во Струга на почетокот на 2023, меѓутоа првичните податоци почнавме да ги добиваме кон крајот на годината. Уште тогаш сфативме дека вредностите во одредени периоди од денот неколкукратно ги надминуваат дозволените нивоа, вели Кукунеш.

Никола Кукунеш

Загадувањето на воздухот поизразено е во одредени делови од денот, што во голема мера зависи и од атмосферските услови. Но, стружани го чувствуваат проблемот.

Воздухот мириса на моменти, а дишењето на отворено е отежнато, ни изјави повозрасен жител на Струга.

Граѓанин на Струга

Потребна е промена на свеста за проблемот со загадувањето на воздухот бидејќи последиците се сериозни и загрижувачки, истакнува Кукунеш

Тоа што треба да не загрижи и за што треба да се подигне свеста, е дека се повеќе луѓе заболуваат од болести кои во минатото не биле толку присутни и немало толкав ефект врз жителите на Охрид и Струга. Навистина треба да се размислува и за начинот на кој што ги затоплуваме нашите домови, како ги планираме активностите за проширување на градовите. Тоа значи дека и во поглед на урбанизацијата треба да се води грижа како сето тоа ќе го реализираме а при тоа да остане некаков промет на воздух и нешто што ќе продолжи да го циркулира и движи истиот бидејќи во одредени денови навистина доаѓа до гушење и до концентрација на големи количини на овие честички, истакнува Кукунеш.

Струга

Најопасните загадувачи на воздухот се таканаречените груби ПМ 10 честички, фините ПМ 2,5 и ултра фините честички ПМ 0,1 микрометри. Тука спаѓаат и гасовите: јаглеродниот моноксид, сулфурниот диоксид, азотниот диоксид, приземниот озон и некои тешки метали како кадмиум, никел и олово.

Овие честички лесно влегуваат преку дишењето во организмот, ја забавуваат размената на кислородот и јаглеродниот диоксид и сето тоа создава поголем напор во работата на срцето во обид да го компензира недостигот на кислород што создава здравствени проблеми. Најосетливи се лица со респираторни, белодробни и срцеви заболувања, но секако и здравите луѓе имаат проблеми бидејќи не можат да дишат со полн капацитет кога загадувањето е зголемено, објаснува Сашо Точков, раководител на Центарот за јавно здравје Охрид.

Мартовско утро во Охрид (2024). Фото: Никола Паскали

Тешката индустрија, термоелектраните и сообраќајот важат за големи загадувачи, но најголем извор на загадување на воздухот кај нас се индивудалните ложишта и користењето на најразличен огревен материјал, вклучително и опасен отпад како што се гумите од возилата кои при согорување во воздухот испуштаат канцерогени состојки.

Се повеќе млади луѓе кај нас умираат од канцер. Се уште тоа се објаснува со судбина наместо да се истражува зошто толку луѓе починале од карцином на бели дробови, не е само пушењето фактор, туку има ефекти и од аеро загадувањето. На луѓето мора да им се објасни и имаат право да знаат каков воздух дишат и нормално државата да преземе се за да се надмине или да се сведе на минимум проблемот со аеро загадувањето, додава Точков.

Сашо Точков – Центар за јавно здравје Охрид

Според него, посебно треба да не загрижува проблемот со загадувањето на воздухот што го предизвикуваат депониите, бидејќи отпадот не се селектира и при палење, што е честа појава кај нас, во атмосферата се испуштаат исклучително опасни материи.

Немаме за жал статистика, податоци, инструменти за да следиме колку тоа влијае на здравјето и како е поврзано со кој смртен случај или заболување, водиме евиденција но тоа не е доволно, потребно е да се направи длабока студија и да се преземат мерки. Не треба да се занимаваме кој што кажал околу тоа дека депионијата гори, горењето неселектиран разновиден отпад е голема опасност, затоа што тој воздух ние го дишеме, ако не дојде во Охрид, загадениот воздух ветрот ќе го однесе во Преспа или на друго место, предупредува Точков.

Центар за јавно здравје Охрид

Дополнителен проблем е што во Македонија нема доволно стручни и квалификувани кадри, како и релевантни статистики и податоци добиени од мерења на аеро загадувањето со референтна апаратура, а институциите и капацитетите задолжени за оваа проблематика не се соодветно поврзани, потенцира Точко. Поради тоа многу често во јавноста се пласираат неточни податоци за аеро загадувањето од нерелевантни извори, направени со несоодветни и непрецизни апарати.

Тоа го потврдуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) од каде укажуваат дека голем дел од податоците кои се пласираат во јавноста се нерелевантни, бидејќи се мерени со сензори со многу висока мерна неодреденост.

Употребата на несоодветни мобилни сензори и системи од сензори за мерење на ПМ 10 или ПМ 2,5 честичките, кои имаат мерна неодреденост и до величина од 75%, што е голема маргина на грешка, кај кои се јавува проблем во однос на дефинирање на протоколите за калибрација, а со тоа и нивна калибрација, бара уште поголемо внимание при анализа и користење на резултатите. Конверзиите од бројачите на честички во маса на „PM“ се базирани на теоретски модел и мерениот сигнал зависи од многу фактори, како што е самиот облик на микро честичката, бојата и густината, влажноста, индексот на рефлексија и т.н. Несоодветните мобилни сензори кои вршат мерење на гасните супстанции, пак, имаат уште поголем проблем, заради тоа што сензорите имаат висока вредност на граница на детекција, резолуцијата при мерењето е различна и резултатите може да покажат разлика и до 1000 пати, велат од Одделението за мониторинг на квалитет на амбиентен воздух при МЖСПП.

Друга причина за несигурноста на резултатите добиени од ваквите сензори е што истите имаат висока осетливост на промени на температурата, атмосферски притисок и влажноста и кај нив се забележува взаемна реакција на слични типови на молекули. Тоа значи дека постои голема веројатност да не можат да се разграничат различните загадувачки супстанции, па не можат да се разликуваат молекулите на озон со азотен диоксид и т.н., појаснуваат одговорните во МЖСПП.

Истовремено се појавуваат и системи од сензори, или таканаречени „Smart Systems“, кои пак претставуваат мрежа од сензори поставени на различни локации, но најчесто во близина на некоја референтна мониторинг станица со мерни инструменти кои работат според референтни методи. Сензорите постојано комуницираат меѓусебе, но и со референтната станица, за да понатаму даваат резултати врз кои се врши корекција со помош на математички алгоритми, односно податоците од вистинските мерења од сензорите не се достапни и се затворени во т.н. „Black Box“. Често токму вакви податоци се пласираат во јавност со што се создава паника кај населението, потенцираат од Одделението за мониторинг на квалитет на амбиентен воздух при МЖСПП.

Додаваат дека загадување постои и тоа не може да се игнорира, но мора да се внимава какви податоци и од кои извори на мерења се користат. Посочените се со ограничени можности и можат да се користат во одредени научни цели, но никако не можат да бидат основа за носење одлуки или изготвување на планови и стратегии за справување со загадувањето на воздухот. Единствено релевантни се сметаат податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ) кој се состои од 21 фиксна и една мобилна автоматска мониторинг станица со кој управува Одделението за мониторинг на квалитет на амбиентен воздух при МЖСПП, а кои се јавно достапни на официјалната веб страна на министерството.

И градовите покрај Охридското Езеро дишат нечист воздух

Автор: Горан Момироски
Извор: јасно.мк