Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по средбата со премиерот Заев на која присуствуваа вицепремиерот за европски прашања Османи и министрите Димитров и Шеќеринска, денеска во Брисел,  истакна дека тој очекува на претстојниот Самит на шефови на држави и на влади на НАТО, ќе биде испорачана покана за преговори за членство, и дека веднаш штом ќе бидат исполнети одредбите од договорот со Грција, земјите членки на НАТО ќе почнат со ратификации на Спогодбата за членство на Македонија во Алијансата.

Генералниот секретар Столтенберг на прашање на новинарите дополни дека со исполнувањето на одредбите предвидени со договорот од Преспа, Република Македонија веднаш добива столче во Советот на НАТО и се стекнува со право да учествува во сите сесии и состаноци.

Премиерот Заев на прес-конференцијате со Столтенберг,  по средбата во новиот штаб на НАТО, изрази очекување на следниот нејзин самит на 11 јули да ја активира отворената покана за Република Македонија за членство во овој воено – безбедносен сојуз.

„Ја очекуваме и официјално поканата да станеме новата, 30-та членка на НАТО. Очекуваме, заедно со нашите пријатели, во периодот кој следува, да учествуваме на церемонија на која знамето на Република Македонија ќе го добие своето место меѓу останатите земји членки на Алијансата. Тој настан интензивно го чекаме уште од 2008 година, кога беше констатирано дека нашата земја ги исполни сите критериуми, дека ги постигна стандардите на Алијансата, за да биде еднаква меѓу еднаквите“, рече премиерот Заев на прес конференцијата во НАТО.

Во својата изјава пред медиумите, премиерот Заев укажа на фактот дека Република Македонија до Букурешт 2008, и од тогаш натаму активно учествува во мисиите на северно – атлантскиот сојуз.

Премиерот Заев укажа и на значајно место што во безбедносните политики на Република Македонија, има и регионалната соработка.

„Договорот за решавање на македонско – грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство со Грција, го откочи нашиот прием во Алијансата, и нашата земја го добива местото што го заслужува. -рече Заев.

Тој ги повика граѓаните да се обединат околу заедничките цели и иднината на земјата на која, како што рече, сега и останува да ги исполни домашните обрврски.