Првата фаза од проектот за заштита на Студенчишкото блато симболично започна денеска со прес конференција на која јавноста беше запознаена со целите на проектот во рамки на кој ќе бидат санирани деградираните делови од блатото.


Проектот заеднички го реализираат интернет порталот Ohridnews и Македонското лимнолошко друштво со поддршка на Министерството за животна средина и  има за цел преку конкретни активности на терен, стручни истражувања, презентација и јавни кампањи да изврши влијание кај пошироката заедница и надлежните институции на локално и централно ниво за значењето на Студенчишкото блато за еко системот на Охридското Езеро, чиј составен дел е. Со овој проект предвидено е и утврдување на сегашните реални граници на блатото, како основа за идни активности за заштитата на оваа природна реткост и утврдување на насоките на одржлив развој, истакна на прес конференцијата д-р Марина Талевска од Македонското лимнолошко друштво.


Намалувањето на блатата последниве децении завзема загрижувачки размери. Многу растителни и животински видови и нивниот биодиверзитет се наоѓаат во опаѓање или пак се под закана од уништување. Ваквата состојба се создавала со години и ќе биде потребна поширока општествена заложба за да се поправат работите, истакна државниот секретар во Министерството за животна средина Дејан Паноски.


Со проектот предвидено е да се уреди дел од деградираниот простор во блатото каде ќе бидат  насадени автохтони видови растенија кои можат да се сретнат  во блатото. Се проценува дека на просторот на Студенчишкото блато има околу 2500 метри кубни шут и друг цврст отпад, кој таму се одлагал долг период.

ohridnews
фото: Васко Бујароски