Со претставата „Утре“ во изведба на Театарската група при Црвен крст Охрид по сценарио и режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, вечерва во предворјето на црквата „Св. Софија“со почеток во 21 часот започнува деветото издание на „Вдиши театар“.

Традицијата продолжува и годинава, а низ годините Фестивалот навистина се развива, истакна Терзиоска, потпретседателката на ОО Црвен крст Охрид и дел од тимот на „Вдиши театар“ на денешната одржана прес конференција.

Основната цел ни е да ги поттикнеме младите културно да се издигнуваат, да го поттикниме нивниот талент и да им дадеме простор каде можат креативно да се изразат. На наше големо задоволство на годинешното издание учество ќе земат нашите збратимени организации од Србија и Црна Гора. Вечерва е свеченото отворање со претставата „Утре“, а следните денови следи богата програма на театарски претстави, за кои влезот е бесплатен. Како организација сакаме со ова да дадеме придонес во развој на културата, додаде Терзиоска.

Оваа година идејата за вечерашната претстава „Утре“ ја добивме од медиумската писменост која беше премногу нагласена во училиштата, вели Блажеска.

Во тој поглед првата идеја ни беше колкава е моќта на медиумите и до каде може да стигне таа моќ ако ја употребиме правилно или неправилно. Развивајќи ја идејата на крај земавме мотиви од Џорџ Орвел од неговиот роман „1984“ за да покажеме колку медиумите и контролираните медиуми можат да го урнисаат едно општество, да ја задужат креативност, да ја задушат човечноста и колку медиумите можат да ги направат луѓето роботи. Од друга страна сакавме да покажеме дека и ние самите со социјалните мрежи својата приватност ја даваме на дланка сите д аја видат. Се обидовме на некој начи да кажеме колку контролата над луѓето е лоша и колку луѓето лесно можеш да ги контролираш со медиумите преку страв, рече Блажеска.

Од екипата на „Вдиши театар“ посочуваат дека стаува збор за претстава која е пишувана по нивно сценарио и која се развивала тековно на пробите со вклученост и на идеите и предлозите и од самите актерска екипа.

  • Оваа година мојата улога е број 2, која е доста високо поставена на хиерархијата да ги контролира луѓето и го спроведува цел тој систем на прикажување на приватноста јавно секаде, улога со многу привилегии. Но, сметам дека како човек кој ја игра оваа улога таа не е ништо повеќе, живее во исто толку контролирано општетство како и сите други. преку мојата улога се прикажува дека дури и сите привилегии кои ги добива еден човек на вака висока позиција, не може да се споредат со стравот и конторлата која е двојно поголема над него во споредба со обичните луѓе, вели Сара Петкоска.

  • Имавме одлична соработка и хемија на пробите и се надевам успеавме да направиме перфектна претстава. Го толкувам ликот на Величе кој е познат и како број 368 кој е заробен во едно контролирано општество и под строг режим. Но, за негова среќа на средина од неговиот пат го наоѓа група на луѓе кои се подготвени да го срушат тој режим, кон која тој се приклучува. Целта е пад на системот, вели Ѓорѓи Целески.

  • Го толкувам ликот на Олгица, кој за разлика од другите е веќе освестена во какво општетство живее и дека не е добро. Се  бори што поглем број на луѓе да привлече за да го паднат тој систем. Со оваа драма сакаме да покажеме дека дури и злото има крај и дека секогаш доброто победува, вели Софија Јаковлева.

Утре во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, Театарската група на Црвен крст од Бар ќе ја изведе претставата „Потрага по изгубеното богатство“, во режија на проф. Мирјана Савичевиќ и Ивана Кецојевиќ. Во 21:00 часот младите глумци од Црвен крст Крагујевац ќе ја изведат претставата „Њима о њима“ во режија на Лазар Јовичиќ.

Програмата се заокружува со изведбата на претставата „Ланчана реакција“ од Снежана Маравиќ, од страна на театарската група при Црвен крст од Суботица, во петок, 15-ти јуни во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21:00 часот.

Н.С.Ј.

фото/видео Б. Стојаноски