Видео снимка од партиска седница предизвика вистинска вербална војна помеѓу политичките ривали. Претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска, на прес конференција денеска, го обвини лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, дека се согласил на промена на уставното име на државата пред самитот на НАТО во Букурешт. На средбата со новинарите СДСМ емитуваше видео снимка, од како што се тврди седница на Централниот Одбор на НСДП од 30 април, на која зборува министерот за одбрана Лазар Еленовски:

„Тој не е бескомпромисен. Бидејќи Никола Груевски прифати промена на име. Тоа што се крие, ќути сега или било што, тука сме да ја видиме вистината. Сакам да кажам, дека и претходно ме прашувавте – во Букурешт Никола Груевски отиде со промена на име- Република Македонија Скопје“.


СДСМ презентираше видео снимка од министерот Еленоски за името

На ова денеска реагираше ВМРО-ДПМНЕ, од каде сметаат дека изнесеното е „врв на конструкциите кои СДСМ ги прави во текот на целата изборна кампања“. „Тоа што го изнесуваат е смешно и тоа е нешто што секојдневно го слушаме од страна на грчките сватови во коалицијата “, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Бичиклиски.

Со демант се јави и министерот за одбрана во заминување, Лазар Еленовски, кој во изјава дадена во Охрид ги демантира наводите изнесени на прес конференцијата на СДСМ.

Изјавата која коалицијата „Сонце“ денеска ја презентираше во јавноста е груб изборен фалсификат кој го покажува вистинското лице на левата политичка опција во Македонија на чие чело стојат лицемерни водства кои како главно средство за политичка борба користат најобични манипулации, изјави Еленоски.


Еленоски демантира и најавува тужба

Коалицијата „Сонце“ еден ден пред предизборниот молк се служи со груб фалсификат и изјава која целосно е извадена од контекст на затворена седница на Централниот  одбор на НСДП, рече Еленоски. Според него изјавата која денеска ја презентираше коалицијата „Сонце“ е производ на кујната на НСДСП и претставува груба конструкција и најави дека ќе поднесе кривична пријава против раководството на НСДП и сите инволвирани во случајот. Сите ние кои учествуваме во процесот на пристапување во НАТО, вклучително и премиерот, јасно кажавме кој е лимитот на македонската издржливост и што е тоа што прифативме, што е тоа што не прифативме, што е тоа што не очекува во иднина, што исполнивме и одработивме, додаде Еленоски.

Тој рече дека не ја видел сеуште видео снимката која според него тајно била направена на  затворената седница на Централниот одбор на НСДП на која се водела жестока расправа полна со навреди. Негирам дека сме кажале нешто такво. Ние во Букурешт немавме никаков контакт со официјалните луѓе од НАТО и немаше со кој да се преговара, изјави во Охрид  Еленоски.

Г. Момироски