Фудбалерите на Шкендија се закитија со титулата есенски прваци во Првата македонска фудбалска лига. Првата позиција во есенската полусезона „црвено црните“ ја обезбедија со триумфот 3-0 над Ренова во тетовското дерби.

Избраниците на Ќатип Османи после 23 минути игра го скршија отпорот на „гипсарите“. Стрелец на голот беше Валмир Нафиу. Во 67-та минута Шкендија зголеми на 2-0 со погодокот на Бесмир Бојку, а печат на победата стави Омар Имери во 89-та минута.

Шкендија со пет бодови предност ќе презими на првото место на табелата, откако Вардар ремизираше 0-0 со Академија Пандев во Струмица. Значајни бодови трката за опстанок освои Силекс кој славеше против Беласица 1-0, Шкупи кој изненадувачки го победи Работнички 2-0 и Македонија Ѓорче Петров кој го зеде скалпот на Победа 2-0.

Резултати: Академија Пандев – Вардар 0-0, Победа – Македонија ЃП 0-2, Работнички – Шкупи 0-2, Ренова – Шкендија 0-3, Силекс – Беласица 1-0.

Табела: Шкендија 40, Вардар 35, Академија Пандев 30, Работнички 26, Шкупи 23, Македонија ЃП 21, Ренова 21, Силекс 18, Победа 17, Беласица 17

OhridNews