Роднини и блиски пријатели на охриѓанецот Димитар Матилоски, кој беше убиен во тешкиот инцидент што се случи на прославата на Нова Година во центарот на Охрид, денеска, се собраа пред Основниот суд Охрид и побараа промена на обвинителниот акт кој го поднесе основното јавно обвинителство Охрид.

Како што е познато на 1 јуни Основното јавно обвинителство – Охрид до Основниот суд во Охрид поднесе Обвинителен акт против главниот осомничен за убиството на 26-годишниот Димитар кој трагично го загуби животот во инцидентот што на Нова година се случи во центарот на Охрид. Во соопштението на обвинителството беше наведено дека Б.У. (29) од Краљево, Србија ќе одговара за сторено кривично дело Убиство од член 123 од Кривичниот законик. Главниот осомничен за смртта на Димитар Матилоски се наоѓа во притвор во Скопје.

Со ваквата квалификација не се согласува семејството на Димитар Матилоски, кое преку правниот застапник денеска јавно побара главниот осомничен да одговара за кривично дело „свирепо убиство“. Семејството е незадоволно од извршеното судско вештачење поради што изготвило независно вештачење, кое, како што им беше кажано на медиумите, значитечно се разликува. Очекуваат судот да ги прифати наодите од нивното вештачење или да побара супер вештачење.

OhridNews