Тест средбата против Азербејџан ќе помине во знакот на бранителот Гоце Седлоски кој ќе биде првиот играч кој во македонската фудбалска репрезентација ќе го одигра 100 – от натпревар.  Седлоски за репрезентациијата на Македонија дебитираше во 1996 година во Прилеп против Малта. Натпреварите против Азербејџан и Романија ќе бидат последни во активната фудбалска кариера на популарниот “Седло“.


Голема чест е за еден фудбалер да одигра 100 средби за својата национална селекција. Јас на сите овие средби сум посебно горд и секогаш сум играл со срце за Македонија. Благодарен сум им на сите мои бивши и сегашни соиграчи кои ми помогнаа да стигнам до оваа јубилејна бројка и со кои заедно настапувам во националниот тим од „далечната” 1996г. кога дебитирав против Малта во Прилеп. Во спортот и во животот е така па еве при крај сум на мојата кариера, на еден убав, незаборавен дел од мојот живот. И благодарам и на ФФМ и претседателот Хаџи-Ристески што ќе ми направи чест тука во Австрија каде ја завршувам кариерата, но ќе подготвам за фановите на македонскиот фудбал опростување во посебна прилика во Скопје – истакна Седлоски


Седлоски својата фудбалска кариера ја започна во Победа од Прилеп, потоа година и пол помина во Хајдук од Сплит. По Хрватска, тој кариерата ја продолжи во англискиот Шефилд Вендсдеј каде помина 2 и пол сезони. Во 1999 година се врати во Хрватска, но во тимот на Динамо Загреб кде помина пет години, од која последната година беше и капитен на тимот. Имаше шест месечен престој во јапонскиот Вегалта Сендаи, по што пак се врати кај “модрите“. Во јули 2005 потпиша едногодишен договоро со турскиот Дијарбакир, а потоа замина во Австрија во тимот на Матерсбург каде и ја заврши играчката кариера.

За македонската фудбалска репрезентација одигра 99 натпревари, постигна 8 гола и имаше еден црвен картон. Седлоски на мечот против Естонија во Талин беше првиот стрелец на квалификацискиот циклус за ЕП 2008. Црвениот картон, го заработи на својот втор дом на мечот против Хрватска на Максимир, кога и постигна погодок но на крајот загубивме со 2-1.

Седлоски останува верен на фудбалот, а во иднина се очекува да работи како тренер.

М.Постоловски