На десеттина километри од Охрид, во селото Опеница, помеѓу планините кои го делат градот на УНЕСКО од соседните општини, веќе четири години се развива интересна туристичка приказна.
Сместена во непосредна близина на манастирската црква Св. Кузман и Дамјан, покрај локалната рекичка по чие течение струи свеж планински воздух, „Monastery Winery“ нуди уникатно доживување и одмор за сите сетила. Ова тивко и мирно место ќе ве плени со својата убавина, а домаќините со исклучителното гостопримство.
До „Monastery Winery“ води локален пат, дел од околу двесте метри неасфалтиран, но добар пат. Секако, вреди да се стигне тука. До местото водат патокази, а може да употребите и Гугл мапс, „нема промаш“, проверено е.
Во студените камени подруми во контролирани услови тука се произведуваат квалитетна домашна ракија и вина. За вкусовите нема да пишуваме, оти мора да се пробаат. „Monastery Winery“ нуди дегустационо мени со внимателно избрана храна. Дел од вината се прават од автохтони сорти, а ракијата од најквалитетна природна „суровина“. Се чуваат со специјални садови и дрвени буриња, а гостите откако ќе го изберат омилениот вкус сами можат да си наточат пијалак и да го понесат како сувенир дома. При нашата посета затекнавме туристи од Полска кои уживаа во дегустацијата на вино од производството на „Monastery Winery“, а си наточија и за дома.
На 15 и 16 јули, во прекрасниот амбиент на „Monastery winery“ во Опеница, светски познатиот џез и фанк изведувач Владимир Четкар и неговиот извонреден бенд составен од врвни музички уметници, ќе одржат два концерта. Ќе бидат тоа моменти за музичките сладокусци со истенчен вкус, а уникатната локација веруваме ќе биде мотив повеќе Четкар да приреди уште една незаборавна забава.
Не пропуштајте го џез-фанк викендот во ова прекрасно место и поддржете ја културата, порачува Четкар во краткото видео што го реализира OhridNews во прекрасниот амбиент на „Monastery Winery“.
Музиката во спотот е авторска музика на Владимир Четкар (Јагула), видеото, монтажата и фотографијата се на тимот на OhridNews.
Г. Момироски
Фото: А. Момироска