Втора планинарско-рекреативна акција за лицата со попреченост се одржа во Охрид. Овој пат убавините на Охридското Езеро погледнати од друг агол, поминувајќи ја патеката од с.Елшани до с.Горно Коњско во должина од 6 км.
Рекреативната планинарска тура беше организирана со децата и родителите од здружението „Тајните на моето срце“ заедно со здружението на планинари „Великамен“, а истата беше со цел подигнување на свеста за лицата со посебни потреби и нивна инклузија во сите сфери на општеството.
Нашето здружение на планинари „Великамен“ ја прави оваа акција за лицата со попреченост, со цел да се поттикне спортскиот дух и автоматски да се направат едни здрави навики на живеење и на здрав живот. Најважно е да се упати еден апел до другите друштва, да се направи една инклузија на овие лица, со цел да имаат подобра социјализација, повеќе дружење, шетање во природа, вели Бобан Блажески, водич од ЗП „Великамен“.
Дефектологот Александра Кристоф Апостолова Сабрас потенцира дека на децата со попреченост им се потребни повеќе вакви спортски активности за да се стимулира развојот на децата, бидејќи тие заслужуваат многу повеќе.
Конечно мора да се направи вакво нешто и децата со попреченост не само класично да се носат на екскурзии и да се јади по некој сендвич, туку да можат да го развијат спортскиот дух, да ги урнат бариерите и препреките, да се почувствуваат корисни и рамноправни членови на ова општество, и дека можат и умеат да искачуваат врвови. Сепак верувам дека оваа акција нема да застане тука, ќе продолжи понатаму и ќе успееме со оваа група да реализираме повеќе тури, вели Апостолова Сабрас, додавајќи дека ова мора да порасне во еден голем проект.
Акцијата беше потпомогната од Општина Охрид и Црвен крст Охрид.
Рекреативна планинарска тура за развој на спортскиот дух и инклузија на лицата со попреченост
Н.С.Ј.