Во рамки на бесплатната презентација на кандидатите за градоначалник, денеска го емитуваме разговорот со Кирил Пецаков, доктор стоматолог, од неодамна специјалист по детска и превентивна стоматологија, актуелен пратеник и кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата.
Освен за програмата со која тој настапува пред гласачите, визијата и приоритетите за Охрид, разговараме и за приватниот и професионалниот живот на Пецаков. Тој долго време е во политиката, а негова голема љубов е спортот.
Ако нешто ми недостига е спортот, особено ракометот, затоа што голем дел од времето го минував таму. По распадот на РК Климент Охридски со група ентузијасти и пријатели го формиравме РК Охрид 2011, каде бев голман и капитен до 2016 година, кога се повлеков од активно играње заради повреда. – истакна Пецаков.
Што се однесува до изборната кампања, Пецаков оценува дека таа засега се одвива во најдобар ред иако, како што рече, има одредени непријатности со третиот кандидат. Неговиот фокус на секојдневните средби со граѓаните, митинзите и мини митинзите, е презентација на програмата и предвидените проекти, за кои, како што вели, гарантира дека ќе бидат реализирани во четиригодишниот мандат.
Нашата програма се темели на десет главни проекти: катна гаража, реконструкција на двата плоштада во центарот на Охрид, изградба на велосипедска патека од бензинската на Макпетрол до Св. Стефан, со можност за продолжување до Св. Наум, изградба на спортска сала во с. Лескоец во склоп на училиштето „Ванчо Николески“, изградба на мултифункционални игралишта во Велгошти и Видобишта, изградба на ново современо училиште во Охрид заедно со современа градинка, поставување на фотоволтаични панели на објекти во сопственост на локалната самоуправа и на земјиште сопственост на Република Македонија, со цел намалување на трошоците на јавните претпријатија и објекти од јавен интерес, ревитализација на Студенчишко блато, зголемување на зелените површини во градот вклучително и на паркот кај споменикот на Ден Долард, подобрување на инфраструктурата во градските и приградските населби, за што имаме персонализирана кампања што ние како партија ќе направиме во конкретно населено место. – посочи Пецаков.
Фокус на идната локална самоуправа ќе биде заштита на животната средина и Охридското Езеро, зачувување на статусот на Охрид во УНЕСКО, соодветно уредување на плажите, борба против урбаниот хаос и дивоградбите, јавниот пред личниот интерес, создавање на услови за задржување на младите во Охрид, развој на туризмот, ефикасна и ефективна локална самоуправа која ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните, додаде кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Кирил Пецаков.
Г. Момироски