Промовирана книгата „Славе Ѓорѓо Димоски во книжевната критика“ од авторот Димитар Пандев во издание на Општина Охрид. Овој преглед е само мал заглед во она што критиката љубопитно го кажала за него, зошто не е тој обичен, секојдневен поет, вели Пандев.
Славе Ѓорѓо Димоски продолжува да твори. Има нешто митско во него самиот и во неговата поезија. Имам нешто трајно во неговото „продолжува“ што продолжува да изненадува со нови стихови и стихозбирки, пишува во предговорот на книгата, авторот Димитар Пандев.
Во името на Локалната самоуправа пред присутните се обрати секретарот на Општина Охрид, Александар Китески кој искажа големо задоволство што е дел од промоцијата на ова значајно издание.
Меѓу современите македонски поети, едно од најистакнатите места му припаѓа на поетот Славе Ѓорѓо Димоски, автор на забележителни книги поезија со густи метафори и слики кои како што нагласува Ефтим Клетников, „се кристално јасни, но во исто време се заумни и нејасни по значењето, често на еден надрелистичен начин, извлечени на површината од дното на несвесното“. Овој почитуван охриѓанец и врвен поет со одамна забележано перо посакуваме да твори уште многу години. А ние и понатака ќе бидеме верни поддржуачи на неговиот пишан стих, истакна Китески во своето обраќање.
На промоцијата говореа и уредникот на изданието, Митре Велјаноски и поетот Славе Ѓорѓо Димоски.
Книгата е издадена во тираж од 300 примероци и во неа на 370 страници се поместени осврти, текстови и други објави од книжевната критика за поезијата, книгите и творештвото на овој истакнат охридски и македонски поет, кои се напишани од страна на врвни писателски имиња од Македонија и странство.
OhridNews
видео. К.С.