На 36 Охридски пливачки маратон оваа година ќе учествуваат шест натпреварувачки во женска и девет пливачи во машка конкуренција. Тие беа претставени вечерва на свеченост што се одржа пред хотелот Палас.

Охридскиот пливачки маратон е вистинска гордост за локалната заедница и државата, бидејќи го промовира Охрид како одлична локација за спортски настани и привлекува пливачи од целиот свет. Од една страна, маратонската трка на Охридското Езеро го насочува вниманието кон спортот и физичката активност, а од друга страна го поддржува туризмот и свеста за природното богатство и непроценливото културно наследство. – истакна во обраќањето на настанот, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Организаторот на маратонот, Општина Охрид и ПК „Охридски бранови“, традициопнално ја доделија спортската награда „Климе Савин“ за 2023, која оваа година ја понесе македонската пливачка легенда Томи Стефановски.

Организаторот додели признанија за поддршка на Охридскиот пливачки маратон на Костал, ЈК Травел и на спортскиот коментатор во пензија Атанас Костовски.

Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи во сабота, 26 август. Ќе се плива на 25 километри долгата патека „Климе Савин“ од Св. Наум,  до Охрид. Стартот е утрото во Св. Наум, а целта на градскиот кеј.


Претставени учесниците на 36. Охридски пливачки маратон

Наградниот фонд на Охридскиот пливачки маратон изнесува 12000 евра.

 

Г.М.