Амбициозната мисија која има научно – истражувачка димензија и започна на 28- ми февруари- пренуркувањето на Охридското езеро, продолжува. Меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски, информира дека досега се поминати 20 километри од предвидените над 80 километри од двете страни на езерото.

Стигнати сме до дваесеттиот километар кај Калишта. Следува нуркање кај потонати бродчиња кои се на 7 метри длабочина и се доста атрактивни како нуркачка локација. Во досегашните активности најдени се интересни работи пред се за живиот свет во езерото. Слатководниот рак полека се враќа во Охридското езеро, најдени се неколку примероци од ракот кои претежно гравитира кон албанскиот дел и нашиот дел кон Радожда, но полека го има на други делови од езерото.  Од еколошки аспект, на местата каде се влеваат реките Грашница,  Сатеска и Далјан има доста наноси и цврт отпад. По за вршување на проектот не само што планираме документарна емисија, туку планираме и конкретни мерки за чистење на дното, вели Секулоски.

На Секулоски денес му се придружија и членови од струшкиот НК „ Норкач“.

Струшкиот дел исто така е атрактивен, има многу интересни локации од година во година има се повеќе заинтересирани туристи за посетување на  тие локации , изјави Игор Скепароски од НК „ Норкач“.

Проектот за пренуркување на езерото  предвидено е да трае од три до четири месеци. Потфатот на искусниот меѓународен нуркачки инструктор Милутин Секулоски ќе биде преточен во документарен филм, а ќе биде реализирана и изложба на фотографии.

Покровител на проектот е претседателот на државата Д-р Ѓорѓе Иванов, а институционална поддршка пружаат министерствата за внатрешни работи и за одбрана, каде Секулоски работи во полкот за специјални операции. Генерален спонзор е „Пелистерка“, дел од опремата за овој несекојдневен потфат обезбеди познатата компанија за производство на нуркачка опрема „Скуба-про“, а поддршка даваат локалната самоуправа и бројни други помагатели.

OhridNews