Во рамки на одбележувањето на  106 години од Илинденската епопеја  во спомен-куќата на Христо Узунов, синоќа беше откриена  вредна реликвија од охридскиот војвода. Се работи за дел од брадата на Узунов која Василка Крлеска Чавкоска, ја отсекла пред чинот на погребување на војводата кој си го одзеде животот по нерамноправната борба со турскиот аксер во кичевското село Цер во 1905 година, заедно со блиските соработници и уште деветмина комити.


Вредната реликвија на вработените во охридскиот Завод и музеј им ја предал потомок на семејството на Анастасија Узунова од Струга на 24 април – денот на херојскиот чин на Христо Узунов.

Со тоа се оствари аманетот на Ангеле Узунов брат на Христо ,желба која по сплет околности не била реализирана во 1965 година, истакна на промоцијата на вредната реликвија, историчарот Никола Целакоски – советник кустос во охридскиот Завод и Музеј. Тој посочи дека на пликот потпишан од Ангеле Узунов е запишано: Делови од брадата на Христо Узунов земени после неговото убиство во Цер и донесени на мајка ми од учителката Фанче Филева од Охрид.

– Деловите од  брадата на Христо Узунов за нас ќе претставуваат најскапа реликвија и од денеска Охрид покрај реликвијата на Св. Климент Охридски е побогат за уште една скапа реликвија. Ние таа реликвија грижливо ќе ја чуваме и истата ќе претставува место на поклонение. Од оваа вечер наспроти неговиот и наш вечен Илинден, Христо Узунов е со нас, рече Целакоски.

Реликвијата ја откри дриректорот на Управата за заштита на спомениците на културата, Паско Кузман.


Промовирана вредна реликвија од војводата Христо Узунов

Во куќата на Узунов синоќа беше промовирана книгата “Охрид и охридско низ османлиската документација“ од професор доктор Драги Ѓоргиев. Ова оваа вредна книга ссе поместени фактографски податоци од османлиските архиви и содржи вредни податоци за животот во Охрид и охридско во времето пред и по Илинденското востание.


Промовирана книгата “Охрид и охридско низ османлиската документација“
од професор доктор Драги Ѓоргиев

Ohridnews