Во моментов полицискиот хеликоптер Ми 171 дејствува врз пожарот на Галичица од охридска страна, информираат од Центарот за управување со кризи.
Храбрите и пожртвувани полициски пилоти Стефче Ташовски и Дарко Ајтовски со подршка на останатиот храбар и пожртвуван воздухопловен екипаж ќе продолжат со дејство врз овој, за граѓаните вознемирувачки пожар од кој повремено се слушаат истрели или детонации на неексплодирани минско експлозивни средства останати од војните кои се одвивале на овој простор, вели првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Денес на терен се и стотина лица, вработени во НП Галичица, ТППЕ Охрид, ТППЕ Ресен, Планинарска спасителна служба при Црвен крст Охрид, Планинарски клуб Патагонија, ДЗС Охрид, Ресен и Неготино, резерват Езерани и доброволци од Охрид и Ресен, кои со натчовечки напори и помош од воздух се обидуваат да воспостават контрола врз пожарот кој беснее 12 дена на планината Галичица.
Во посета на екипите кои на терен кои вложуваат надчовечки напор во борбата со огнената стихија на Галичица беше и градоначалникот Кирил Пецаков.
Извршив обиколка на теренот каде се прават земјени појаси за да се спречи понатамошно ширење. Состојбата е стабилна, а во моментов повеќе од 100 лица продолжуваат со активностите за гасење. Заедно со Штабот за заштита и спасување на Општина Охрид продолжуваме будно да ја следиме состојбата и да ги обезбедуваме потребните средства, вели Пецаков.
Инаку, како што претходно информиравме пожарот е осигуран во одрени предели на македонска страна, но се уште постојат активни жаришта.
Н.С.Ј.
видео. ЦУК