На веб-страницата на Министерството за здравство денеска е објавено видео на кое што можат да се видат детали за изгледот на Специјалната болница за ортопедија и трауматоогија „Свети Еразмо“ во Охрид по најавената реконструкција.

Тендерот за градежните работи за реконструкција на оваа здравствена установа е веќе одбјавен, а според најавите од Министерството, во средина на месец октомври ќе започнат градежните работи и се очекува реконструкцијата да биде комплетно завршена во рок од 18 месеци, односно до април 2017 година.

-Станува збор за вкупна инвестиција вредна 215 милиони денари. Проектот опфаќа реновирање и адаптација на постојниот објект на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“, вклучувајки ги и потребите на Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид. Целта е со оваа реконструкција да овозможиме сериозно унапредување на стандардите и условите за работа, како и зголемување на капацитетите за дијагноза и третман на пациентите, информираат од Министерството за здравство.

Болницата „Свети Еразмо“ датира некаде од 1950 година (кога функционирала во бараки), потоа во 70-те години бил изграден објект од поцврста градба, а веќе во 90-те години била изградена карабината врз основа на која во претстојниот период ќе се гради нова, најсовремена болница.

-Комплетната реконструкција ќе опфати површина од вкупно 5.623 метри квадратни, кои ја даваат функционалната целина на објектот (2.191 метар квадратен на приземјето, 2.061 метар квадратен на прв кат, 1.370 метри квадратни на втор кат). Првата фаза од проектот опфаќа доградба на централната-стара болничка зграда и карабината. Предвидено е да се реновираат и реорганизираат амбулантите, лабораторијата, стерилизацијата, и другите дијагностичките содржини. Ќе бидат комплетно реновирани операционите сали со интензивната нега, како и болничките оддели со оформување тоалети во секоја соба, објаснуваат од Министерството за здравство.

Со доградбата на централната-стара болничка зграда, предвидено е во карабината да се имплементираат содржините кои се потребни на Заводот за кардиоваскуларни заболувања, и тоа: Адултна кардиологија со амбуланти, дијагностика и дневна болница и Интервентна кардиологија со интензивна и полуинтензивна нега (која содржи оперативен блок со операциона сала за пејс-мејкер, ангиографска сала, сала за радиофреквентна аблација), како и простории за персонал.

OhridNews