„Охрид, откинатото парче од Рајот што Господ го создал на земјата е лулката на целокупната македонска опстојба. Тој е духовно и културно средиште на втемелената верска национална и политичка реалност на еден народ, кого судбината го сместила на едно од најеруптивните места на планетата Земја, во кој со илјадници години се судираат цивилизациите, раѓајќи судбински последици за еден многу горд, побожен и културен народ, македонскиот.“
Вака познатиот историчар на уметност Гоце Ангеличин Жура ја започнува својата најнова книга „ Поглавари на охридската црква“, која синоќа беше промовирана во музеј куќата Робевци во Охрид.
Во ова извонредно значајно научно дело се поместени 97 личности кои директно и индиректно биле поврзани со древната Охридска архиепископија- мајката на Македонската православна црква. Со својата најнова книга Гоце Ангеличин Жура се потврдува како неуморен истражувач на минатото, истакна промоторот д-р Димитар Пандев. Во оваа книга авторот го насочува своето внимание кон духовните претходници на Охрид и пошироко на Македонија и на поглаварите на Македонската православна црква од самите почетоци на христијанството во Охрид, рече Пандев.
Во книгата е опфатен периодот од доаѓањето на Светиот апостол Павле на овие простори до укинувањето на Охридската архиепископија преку личностите и настаните кои ја означуваат историјата на Македонија и на Македонската црква.
Книгата „ Поглавари на охридската црква“, претставува библиско издание не само за христијанството и Македонската православна црква, туку и многу пошироко, истакна промоторот Виолета Мартиноска. Во неа авторот многу храбро и исклучително темелно ги претстатавува духовните лидери на Охридската црква од првиот до осумнаесетиот век, рече Мартиноска.
Гоце Ангеличин Жура
Да се живее и твори во овој град навистина е нешто незаборавно, вели авторот на книгата, Гоце Ангеличин Жура. „Во книгата се опфатени стотина архиепископи кои многу придонеле за Охрид, но без разлика на тоа кој бил на архиепископскиот трон, дали тоа биле Бугари, Власи, Грци или други, сепак суштината, односно јадрото на Охридската архиепископија се до нејзиното неканонско укинување секогаш било и до ден денес останало македонско“, изјави за Ohridnews, Гоце Ангеличин Жура:
Книгата „ Поглавари на охридската црква“ е напишана на македонски и англиски јазик. Ова научно дело е во издание на Завод и Музеј Охрид, а објавувањето го помогнаа локалната самоуправа и повеќе спонзори.
Горан Момироски