30-тина нуркачи од Охрид, Скопје и Албанија, на неколку дена пред доаѓањето на Новата Година петта година по ред, со украсена новогодишна елка поставена на три метри длабочина на езерското дно, подводен Дедо мраз и забава во студените езерски води, ја продолжија традицијата на прослава на Новата Година во длабочините на Охридското Езеро.




На годинашната најмасовна ваква забава, нуркачите новогодишната елка ја закачија на три метри длабочина на дното од атрактивниот подводен археолошки Мичов град во заливот на коските во Градиште кај реконструираната наколна населба и Музејот на вода на Охридското Езеро.


Ова е добра реклама за Охрид, за малку пари. Ние нуркачите имавме една успешна година, и затоа пред се ова го правиме за нас , а потоа за Охрид и за Македонија. Под вода имаме едно кратко сценарио, елката ја носиме, доаѓа Дедо Мраз од поголема длабочина кон поплитко, отвораме шампањ, се делат подароци, имаме музика, тарабука, дајре и други реквизити. Оваа традиција ќе ја продолжиме и во иднина. – порача Горан Балев од Нуркачкиот клуб Амфора од Охрид, што ја организира атрактивната и уникатна прослава на Новата Година под вода, во која годинава учествуваа и нуркачи Македонија.


Секоја забава е весела ако е со многу луѓе. Интересно е затоа што тука другаруваме,не е само со нуркањето пред, но и после овој настан,  весело ни е, уживаме. Се она што се случува на суво, ние би сакале ние да го направиме под вода – изјави Перикле Бешка од Сојузот за подводни активности  на Македонија.


Подводната елка во Градиште е своевидна туристичка атракција и посебност за Охрид и Македонија, по теркот на уникатните начини на дочек на Новата Година во светот, што ќе можат да ја видат сите посетителите кои ќе дојдат на Охридското крајбрежје кај Музејот на вода и реконструираната наколна населба, од каде се гледа шарената елка во вода.

    

                                Нина Кепеска