Благодарејќи на присебноста на пилотот Тадеуш Врона, авионот успешно слета без тркала, а сите 231 патници минаа без повреди.
Како што јавува „Макфакс“, на Врона заради бравурозното слетување му пристигаат честитки од Полска, но и од целиот свет, меѓу другото и од пилотот на американски боинг кој пред две години успешно слета на реката Хадсон.
На Фејсбук се појави изреката „летај како орел, слетај како варана“, бидејќи пилотот го носи презимето според таа птица.
Тадеуш Врона е еден од најискусните пилоти на ЛОТ, а на авионите од типот боинг лета веќе 20 години.
Експертите се согласни дека покрај ладнокрвноста и присебноста, големо влијание за мекото и прецизно слетување одигра и фактот дека Врона веќе неколку децении е вљубеник во едрилиците.
Експертите сметаат дека токму прецизноста им ги спаси животите на патниците и екипажот, бидејќи доколку боингот се настранеше надвор од линијата на летот и удреше во пистата со крилото или странично, ќе се превртеше, ќе се искршеше и сигурно ќе имаше жртви.
Аеродромот во Варшава останува затворен подолго отколку што првично беше планирано, бидејќи боингот запре на таква позиција што не може да се користи ниту една од двете писти.
извор:„Макфакс“