Последнопласираниот на табелата во Првата македонска фудбалска лига Пелистер со гостинскиот триумф над големиот фаворит Работнички по подолго време даде знаци на “живот. За “зелените“ од Битола ова е само четврта победа во 25 рунди во елитното друштво.

Работнички по победата во градското дерби со Вардар доживеа нов удар и тоа на домашно тло од “фенерџијата“ Пелистер. “Романтичарите“ полека го губат чекорот со Ренова за третата позиција која води во Лигата на Европа.

Металург трет пат оваа сезона остана непоразен во соседското дерби со
Скопје. Избраниците на Жикица Тасески со фантастичните погодоци на
Крстев и Ејупи ги скротија “пиратите“ и ги оставија грчевито да се
борат за опстанок во елитата.

На триумфот на Металург експресно одговори водечката Шкендија
совладувајќи го Силекс во последните мигови од натпреварот.
“Црвено-црните“ кои се лидери на табелата ја одржаа предноста од плус
седум пред второпласираниот Металург.

Голем чекор кон обезбедување прволигашки статус направи Брегалница која
триумфираше во дербито на дното против Тетекс. “Фалангата“ прокнижи
огромни три бода  и скокна на сигурната седма позиција на табелата.

 

Петкратниот првак освојувач на трофејот во првата лига Вардар со
наведната глава се враќа од гостувањето кај Ренова. Остануваат уште
седум кола до крајот и толку надеж дека Вардар ќе “преживее“ во
прволигашкото друштво.

Мх.П.