Со отворени срца, навидум затворени за дружба, но всушност љубопитни и гостопримливи, десетина лица со интелектуална попреченост не пречекаа во Дневниот центар „Зраци“, каде го поминуваат дел од своето секојдневие. Дваесетина година овој Центар постои токму за нив, со единствена цел да им помогне и на нив, но и на нивните семејства.
Лицата се на возраст над 18 години, но постои можност доколку има потреба да бидат згрижени и релативно помлади, вели дефектолог Зоран Костадиноски, потенцирајќи дека целата енергија е дадена во одржувањето и остварувањето на континуитетот на овој Дневен центар.
Смислата на овој Дневен центар е за оспособување на корисниците за самостојно живеење. Не е училишна установа, туку што е можно повеќе вештини да се стекнат за самостојно живеење како би биле што е можно помалку на товар на семејствата во периодот до напуштањето на Дневниот центар кој работи од 8 до 16 часот. Истовремено за родителите е од огромно значење зошто во овој период родителот е слободен може да добие работно место што е исклучително важно во денешно време. Исто така, може да се посвети на останатите активности, на другите деца, на сите оние семејни потреби кои ги имаме сите ние секојдневно.
Ружа Петреска како родител на дете со посебни потреби кое е згрижено во Дневниот центар „Зраци“ вели дека нејзината 33 годишна ќерка го посетува истиот од самото формирање, искажувајќи огромна благодарност до двајцата воспитувачи, Зоран и Евица, кои вели им се како втори родители.
Прво за мојата ќерка има огромен придонес, бидејќи има активности за самостоен живот да речеме. А и како родител за нас и за семејството е од голема помош. И многу сме им благодарни на сето тоа, вели Петреска.
Сложни се дека многу работи се потребни за овие лица, но секоја активност потребно е да се работи чекор по чекор.
- Значителна бројка од тие десет лица се континуирано, од кога биле деца па сега до возрасни лица. Мене ако лично ме прашате несакам да зборувам за напредокот, но јас и колешката сме и самите изненадени од почетокот за вештините кои успеале да ги стекнат корисниците во овој Дневен центар. За тоа е најдобро да одговорат луѓето кои се затечени со оваа потреба, тие што го гледаат бенефитот, па да кажат дали е добро или не е, додава Костадиноски.
- Еден апел до локалната и централната власт, повеќе внимание да обрнат на лицата со посебни потреби. Во била каква помош, економска, матријална, во нивното социјализирање… Земаме туѓа нега 4000 денари, за сите години платите и пензиите се зголемуваат, а овие лица никој не ги прашува ништо. Платата се зголемува, пензијата се зголемува, а социјлната помош на база попреченост останува иста, со минимални покачувања за 100-200 денари. Овие лица треба да имаат таква помош, бидејќи родителите додека се живи ќе финансираат, а потоа тие треба да имаат една сигурност, додава Петреска.
Секоја година традицонално за 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост во Дневниот центар „Зраци“ се организира отворен ден за заинтересираните лица да ги добијат сите информации за активностите и значењето на овој Дневен центар.
Голем дел од средствата за функционирање Дневниот центар „Зраци“ ги добива од локалната самоуправа, додека останатите потребни се реализираат преку донации.
Н.С.Ј.
видео. Б. Стојаноски