Охриѓанецот Александар Петрески со нова инструментална композиција насловена „Calmness Part IV“, посветена повторно на Охрид, но овој пат со осврт на културното наследство.
Охрид има привилегија да лежи над непроценливо богатство, односно да лежи врз темелите на античкиот град Лихнид. Во Охрид се наследува енергија со генерации, непрекинато од древни времиња, па се до денес. Знаците на живеење, уметноста и културата полускриени, ѕиркаат од секое камче. Феноменалниот спој на природата и културата биле наслада за многу наши предци, кои случајно или не биле дел од оваа оаза на времињата…, вели Петрески.
Посочува дека ова е досега најчудната и најнеобична композиција која ја направил, а инспирацијата ја добил и собирал на лице место летото 2024, кога ги снимал и материјалите за ова видео.
Во видеата вклучени се само дел од многубројните цркви, археолошки локалитети, базилики со прекрасни подни мозаици, античкиот театар, Самуиловата тврдина, Горна порта, Плаошник, разни камени скулптури и плочи од охридскиот Лапидариум. Најголема фасцинација ми претставува градењето „нови“ градби со материјални остатоци од некогашни постари објекти. Тука е направен мостот и преминот за течење на енергијата низ времето, додава Петрески.
Упатува голема благодарност до Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид и Управа за заштита на културното наследство кои дадоа согласност за снимање и објавување на видеото.
Затворете очи, уживајте и патувајте во времето.
OhridNews