На 20-ти ноември македонското знаме за прв пат беше развеано на хималајскиот врв Мера Пик (6476 метри) од страна на охриѓанецот Филип Василески Четкар и познатата алпинистка и планинар Илина Арсова која веќе четврти пат се качува на највисокиот планински масив во Непал.
Филип Василески Четкар и Илина Арсова на Мера Пик – Хималаи
По 12 дена интензивно планинарење и аклиматизација двајцата успешно го искачија врвот во сопствена режија без придружба на водичи и агенција. Мера Пик иако не е технички тешка за искачување, со својата висина и глечерски опасности е доволно голем предизвик кој не го потценуваат дури ни искусните планинари.
За Филип ова е втор искачен врв над 6000 метри, додека Илина која се спушта со скии од 6400 метри поставува нов рекорд во телемарк скијање од екстремни височини.
Како што не информираше познатиот охридски планинар Мишко Танески кој е во постојан контакт со нашата експедиција на Хималаи, Филип и Илина моментално се во Катманду и наскоро се враќаат дома.
OhridNews