По тригодишна пауза, младиот охриѓанец Марко Пејчиновски е пред нов голем предизвик кој ќе го реализира на празникот Голема Богородица, на 28 август.

Предизвикот е… “IRONMAN TRIATHLON” – три маратони во еден – токму поради тоа што не можам да трчам и скокам, причина која ме спречува да живеам нормален живот во последниве девет години. Тоа е најисцрпувачкиот, најискушителниот и најтешкиот триатлон. Специјално за мене – малку потешко. Од Св. Наум трчање 42,2 км до Струга, па повторно назад до Св. Наум со точак 42,2 км и за крај пливање 22,4 км до Охрид – вкупно 106,8 км. – посочува Марко.

Марко Пејчиновски

Новиот предизвик Марко го најави со инспиративно видео што го изработи „Перспектива Рекордс“.

Во видеото, со наведната глава јас барам прошка и помош од Бога. Како што ја чуствувам љубовта негова, ја подигнувам главата и со бистри мисли ја поставувам новата цел. Визуализирам како ќе се одвиваат работите, колку всушност е исцрпувачки целиот предизвик. Низ сите тие искушенија ме пратат гласовите на ангелите, пратени од Бога. Лекциите и зборови на охрабрување ми ја даваат потребната сила за да успеам. Откако завршува таа визуализација се наоѓам на местото на кое често наоѓам мир, вознесен од убавината на мојот град, психички се спремам за тоа што ме чека, кога од небото, го слушам гласот на мајка ми кој говори:

“Поентата беше да добиет желба за живот, Можиш да прајш нешто шо некој друг па неможит да го прајт.” Што всушност е мотивот за новиот предизвик “ Потрага по желба за живот”.

За новиот предизвик, мотивот, животната борба, проблемите и плановите, Марко ексклузивно зборува во првата епизода од новата сезона на серијалот Спорт+ на Охридњуз што ќе се емитува во среда.

Г.М.