Шестнаесет години од кобното утро кога одекна веста дека кај Нова Градишка во сообраќајна несреќа животот го загуби нашата и балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески. Човекот кој ќе остане запаметен не само по неговите големи хитови, туку и по големината на неговото срце.
Охрид ни годинава не го заборави Тоше. Точно напладне од бродовите на градското пристаниште, одекнаа звуците на музиката на Тоше, на иницијатива на Лајанс клубот Лихнидос во соработка со охридската бродска флота.
Во животниот пат на Тоше ќе останат запишани бројни хуманитарни дела, спомените на насмевките кои ги предизвикуваше каде и да се појавеше и споменот на неговото ангелско лице.
Иако имаше само 26 години, а зад себе остави импресивно музичко наследство на кое се поклонуваат и најголемите музички мајстори. Издаде седум студиски албуми и испеа голем број хитови кои и ден денес се вртат на радиостаниците во земјава и опкружувањето. Посебно место во неговиот музички опус имаше македонската изворна музика, која благодарение на неговите преработки силно се реафирмираше.
Н.С.Ј.
видео. Б. Стојаноски