Низ историјата Охрид и охриѓани секогаш знаеле да ги препознаат вистинските вредности и да застанат на страната на човекољубието, правдата и слободата, рече градоначалникот Кирил Пецаков на свеченоста која се одржа во Младинскиот центар по повод 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид во организација на Општина Охрид и ОО Сојуз на борци на Охрид и Дебрца.
Илинденската епопеја, Балканските војни и Првата светска војна се трагични епизоди, но и скалило повеќе кон целосното оживотворување на идеалот за слобода, еднаквост и човечките правдини, кој се реализира со застанувањето на македонскиот народ на страна на антифашистичката коалиција во Втората светска војна во која беа положени илјадници животи, за конечна победа и слобода на Македонија, истакна Пецаков.
Денес, 79 години потоа, жртвата на нашите херои не обврзува, да ја сочуваме и збогатуваме слободата со нови содржини кои ги наметнува современието. Ако идеалот на нашите илинденци и партизани беше национална слобода, денес слободата во Македонија треба да се освојува во секој сегмент од живеењето и работењето за секој граѓанин. Верувам дека ние како генерација успешно се справуваме со овој предизвик, а со тоа се ставаме на страна на демократските и просперитетни државни заедници. Исто така, уверен сум дека како локална власт ги правиме најдобрите чекори за развој на Охрид и негово уште поцврсто етаблирање на мапата на најпрепознатливи светски дестинации, додаде Пецаков.
Борбата за слобода зема многу жртви пред кои ние денес се поклонуваме и чие дело го славиме, рече во обраќањето претседателот на ОО Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Гоце Ѓоргиевски.
Со својата храброст и одлучност борците во антифашистичката борба ни го покажаа патот кон слободата, еднаквост и напредок. На овој ден, но и секој друг ден оддаваме почит на нивната пожртвуваност и борбеност, на нивната истрајност и визија. 7-ми Ноември е празник на идеалот за слобода и правда на нашиот град. Тој идеал не води и ден денес во остварување на подобра сегашност, иднина на идниве млади поколенија. На овој голем празник да се потсетиме дека без почит кон минатото нема ни просперитетна сегашност ниту подобра иднина, додаде Ѓоргиевски.
Свеченоста беше збогатена и со културно – уметничка програма.
Охрид го чествува Денот на ослободувањето
Чествувањата продолжуваа со свеченaта приредба по повод јубилејот 60 години од основањето на ЈОУДГ „Јасна Ристеска” во СРЦ „Билјанини извори“ (спортска сала) во 17 часот, како и седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче” во ОМУ “Методи Патче” (концертна сала) со почеток во 18.30 часот.
Инаку, десетици млади животи згаснаа во борбите за ослободување на Охрид што партизанските одреди ги водеа со фашистичкиот окупатор на 7-ми Ноември 1944 година. Благодарение на нивното херојството 79 години подоцна Охрид е слободен град, светска туристичка дестинација, културна престолнина и духовна мека на македонскиот народ.
Н.С.Ј.
видео/фото Б. Стојаноски