Педесеттина маратонци од „Охрид ТрчаТ“ и оваа година ќе го претставуваат Охрид и Македонија на Белградскиот маратон на иницијатива на почесниот конзул на Република Србија во Охрид Михајло Филев.

Организаторите и поддржувачите учеството на истиот го гледаат како одлична можност за промоција на Охрид, стекнување на нови искуства, но и развој на спортскиот туризам.

Втора година по ред ја продолжуваме традицијата нашата најреномирана спортска манифестација „Охрид ТрчаТ“ која го претставува Охрид и Македонија не само во Охрид туку и на меѓународно поле и учествува на многу маратони ширум светот, а пред се на Балканските простори, да биде дел од Белградскиот маратон. Посебна чест и задоволство ми е како почесен конзул на Р. Србија во Македонија во насока на обострана афримација на двата братски народа да овозможам и оваа година за 50 наши натпреварувачи две ноќевања и превоз во соработка со нашиот партнер АД Галеб. Во склоп на Белградскиот маратон на Саемот за спортски манифестации ќе има можност да се презентираат и нашите спортски настани. Секогаш ќе се борам да ги поврзам сите спортски манифестации, но и економските и културните настани и се што не поврзува низ историјата, вели Филев.

Директорот на „Охрид ТрчаТ“, Иван Цветкоски истакна дека веќе втора година по ред преку соработката со Српскиот конзул се овозможува учество на најголемата спортска тркачка манифестација на Балканот.

Од минатата година гледаме дека Белградскиот маратон галопира и надвор од Балканот и ни е мило што оваа манифестација од година во година се повеќе расте, бидејќи на таков начин и ние како организатори на помал настан на Балканот добиваме поголеми бенифиции и искуство. 50 наши пријатели ќе бидат дел од експото и самото трчање. Најавени се околу 20 илјади посетители на самото експо што за нас ќе претставува огромна можност за презентација и верувам дека ние сето тоа максимум ќе со искористиме во насока на оставрување на поголема соработка. Верувам дека годинава ќе имаме многу убава презентација на Охрид и Македонија и се надевам дека оваа традиција ќе ја продолжиме и во иднина, додаде Цветкоски.

Јоне Станкоски од „Охрид ТрчаТ“ потенцираше дека поддршката што ја дава Српскиот конзулат значи огромна промоција на Охрид.

„Охрид Трчат“ на самото експо ќе има можност на свој штанд да биде презентиран во целост во поглед на тоа што работи, не само манифестацијата „Охрид ТрчаТ“ туку сите спортски манифестации кои влегуваат под овој атлетски клуб. Дел од нашите учесници ќе бидат на фан трката, но голем дел учествуваат и на полумаратонот и трката на 10 километри. Тоа што очекуваме од оваа промоција на Охрид е во следниот период голем дел на учесници кои ќе бидат присутни на Белградскиот маратон да бидат присутни и на нашите спортски манифестации. На тој начин даваме дирекна локална, економска поддршка на градот, но се дава поддршка и на развојот на спортскиот туризам, додава Станкоски.

Во насока на афирмација на културното наследство годинава на маиците кои ќе ги носат маратонците ќе биде Куќата на Робевци.

 

Н.С.Ј.

видео/фото. Б. Стојаноски