Обреновац е под вода, јавуваат српските медиуми. На денешното драматично обраќање на Предраг Мариќ, началаник за вондредни ситуации во Србија, тој без да го прецизира бројот на жртвите, рече дека при евакуацијата на загрозените од поплавите, почнале да наидуваат на мртви тела.
Тој предупреди дека и покрај натчовечките напори, невозможно е спасувачките екипи да стасаат до сите на кои им е потребна помош.
Досега се евакуиранини над 4000 луѓе, но помош бараат многу повеќе. Состојбата утринава станала исклучително драматична, бидејќи насипите на реката Сава се пробиени во должина од сто метри.
Мариќ информираше дека нивните спасувачки екипи со чамци и хеликоптери ги извлекуваат прво оние што се во куќи со еден кат, деца, жени и стари и болни, а потоа другите што чекаат на спратовите од куќите.
Покрај Обреновац каде евакуацијата на жителите е во тек, во Србија најкритично е во Уб и Крупањ, кои се целосно отсечени и помош до жителите тешко може да стигне. Ситуацијата во Шабац сега е под контрола, јави Танјуг.
„Почнавме со извлекување тела во Обреновац. Засега можам да кажам само дека не знаеме што не чека кога водата ќе се повлече.“ – изјави српскиот премиер Александар Вучиќ.
Во Уб се загрозени 4.000 домаќинства, но во градот може да се дојде само по копнен пат, а најпотребни во моментот се вода за пиење и лекови.
Крупањ веќе неколку денови е отсечен од државата без вода и струја, додека критично е и во Параќин, каде стотици граѓани се спасуваат од покривите на куќите.
OhridNews
извор: „Телма“