Повеќе стотици ученици Mакедонци од средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“, денеска протестираа со барање за воведување етнички смени во училиштата. Тие утрово наместо на настава излегоа на протести низ струшките улици.
Протестантите кои скандираа „Етнички смени“ се упатија пред зградата на општината каде побараа средба со градоначалникот Рамиз Мерко.
Во отсуство на градоначалникот нив им се обрати раководителот на секторот за образование во општината, Џејми Хајредини.
Тој им кажа на учениците дека барањата треба да ги адресираат до Министерството за образование и Училишните одбори кои се надлежни да донесат одлука за воведување етнички смени.
Хајредини ги повика претставниците на средношколците на разговор во општината на што тие не се одзваа. Мирните протести продолжија низ струшката чаршија по што учениците се разотидоа.
За кусо време ова е втор протест на учениците Македонци во Струга кои бараат воведување етнички смени во средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“, како решение за надминување на тензиите предизвикани од масовните тепачки помечу учениците Македонци и Албанци.
нови масовни протести на учениците Македонци во Струга
Училишниот одбор на СУ „Нико Нестор“ ги поддржува барањата на учениците за воведување етнички смени, додека Училишниот одбор на СУ „Ибраим Темо“, каде мнозинството ученици се Албанци, е против со образложение дека не постојат технички услови за спроведување на таквата одлука.
Г. Момироски