Охриѓани за неполни 24 часа ги почувствуваа двете лица на природата. По прекрасниот сончев ден вчера, Охрид денеска го зафати големо невреме проследено со силен ветар. Од силината на ветрот претпладнево се урна кровот од хируршкото одделение при општата болница во Охрид. Настанот ги вознемири пациентите и вработените на хирургија и за среќа предизвика само матерјална штета.


се урна покривот од болницата

Силниот ветар денеска уриваше оџаци и корнеше покриви. На булеварот Туристичка голема гранка од дрво се струполи покрај пешачката патека. За среќа и во овој случај нема повредени. На лице место ги затекнавме екипите на јавното комунално претпријатие како ги санираат последиците од паднататото дрво.


ветрот корнеше дрва

Ветрот го разбранува и Охридското Езеро. Високи бранови претпладнево татнеа на кејот а од силината на ветрот отежнато беше и движењето на пешаците и автомобилите. Ветрот се смири околу 13 ч. кога во Охрид почна да врне дожд.


езерото татнеше

Официјално според Управата за хидрометеролошки работи ветрот во Охрид денеска дувал со брзина од 22 километри на час или 6 метри на секунда, но на моменти тој достигнувал и неколку пати поголема брзина со разорна моќ.

Г. Момироски