Меѓународната заедница отворено и јасно и порача на Македонија дека очекува претстојните предвремени парламентарни избори  да бидат фер и демократски. Таква порака ни беше испратена и на Самитот на држави од Централна Европа што деновиве се одржа во Охрид.

И додека Европа не предупредува, на теренот  веќе се случија првите инциденти. Најтензично е во албанскиот политички блок, особено по инцидентите во тетовско и гостиварско. Според претседателот на Демократската партија на Албанците(ДПА), Имер Селмани, инцидентите кои се случуваат во предизборниот период се резултат на нервозата кај граѓаните, но според него ДПА не е дел од тие инциденти.

„Постојано сме во контакт со членството и можам да кажам дека кај ДПА апсолутно нема никаква нервоза“,изјави во Охрид Селмани:

Најавите за  заминување од партијата на поранешниот пратеник од Струга, Гарип Каба, поради тоа што не е ставен на изборната листа на партијата, според Селмани се емотивна реакција.

„ДПА има илјадници членови и активисти и сите не можеме да ги направиме пратеници“, рече Селмани.Тој очекува Каба, како истакнат член на партијата и натаму да продолжи да работи во насока на унапредување на позицијата на ДПА во Струга и струшко.

ohridnews