Наместо одговорност од надлежните што со години, па и децении, го игнорираат и не го решаваат системски проблемот со бездомните животни во општината, за што имаат и законска обврска (пропишани се и казни до 5000 евра) и подигање на јавната свест, денес, во втората деценија на 21 век, во Охрид и Македонија се уште јавно се повикува на труење и убивање животни и се поттикнува нехуман однос кон нив. Во недостиг на соодветно прифатилиште и стручна служба која ќе ги штити граѓаните од бездомни животни, проблемот се префрла на волонтерите кои едвај крпат ден со ден да ги згрижат десетиците животни во импровизираниот стационар во Мауцкер, за да не бидат оставени на улица. 

На социјалните мрежи деновиве се води жестока дебата околу проблемот со бездомните кучиња во Охрид, поттикната од неколку инциденти кои се случиле неодамна во центарот на градот. И повторно, поединци, јавно повикуваат на убивање и линч на животните. Наместо одговорност од надлежните институции кои со закон се обврзани да обезбедат услови и ресурси за справување со овој проблем и да ги заштитат граѓаните, но и животните, се напаѓаат волонтерските здруженија за заштита на животните, кои со сите недостатоци, без неопходните ресурси и финансиска поддршка, се единствените кои нешто прават да се ублажи проблемот. Секако одговорност сносат и медиумите кои неретко со својот однос кон проблемот и тенденциозни пишувања, наместо да се институционализира и решава, придонесуваат тој да се мултиплицира.

Деновиве охриѓани добија уште едно, кој знае кое по ред ветување од надлежните институции дека Охрид конечно ќе добие соодветно прифатилиште опремено со кадар и опрема за справување со повеќедеценискиот проблем со бездомните животни. Вакви ветувања охриѓани добиваат при секој помал или поголем инцидент предизвикан од бездомни животни во минатото, но засега изостанува реализацијата.

Наместо соодветен стационар кој ќе го опслужува професионален кадар со потребна опрема и буџет, решавањето на проблемот со бездомните животни во Охрид е оставен на неколкумина волонтери од здружението за заштита на животни „Анималиа“. Тие секојдневно издвојуваат по неколку часа од своето слободно време за да се грижат за бездомните животни во стационарот сместен во некогашните воени магацини во месноста Мауцкер на влезот од Охрид. Во импровизиран простор без основни услови, оштетена надворешна ограда и речиси никаква финансиска поддршка, тие се грижат за здравјето и хигиената на неколку десетици кучиња дел бездомни, а дел напуштени од несовесни сопственици.

-Воглавно тешко е во стационаров. Почнавме со 4 кучиња и 4 кафези, а сега имаме четириесеттина кучиња. Обемот на работа е премногу голем, условите ги видовте, струја немаме поради што сме ограничени во кој период од денот да доаѓаме во прифатлилиштево. – вели Вилдана Садикоска, волонтер во здружението за заштита на животни Анималиа од Охрид.


Условите во импровизираниот стационар во Мауцкер

Просторот на кој функционира импровизираното прифатилиште за бездомни животни е во сопственост на општина Охрид, но тоа се уште нема легален статус затоа што не се завршени потребните процедури, што е услов за добивање помош од меѓународни фондации која би се искористила за подобрување на условите, велат од Анималиа.

-До Агенцијата за храна и ветеринарство ја доставивме документацијата но ни беа побарани дополнителни документи, а најнеопходни за ова прифатилиште да се отвори и официјално е да добиеме договор за закуп од општината без што не можеме согласно закон истото да го отвориме. – објаснува Климент Арнаудов – волонтер во Анималија.

Засега изостанува поголема поддршка и од заедницата, бидејќи интересот за вдомување не е на посакуваното ниво, без што проблемот со бездомните животни не може да се ублажи ниту да се реши, предупредуваат волонтерите.

-Од мали неколку кучиња ги имаме најдено пораснаа големи и се’ уште им немаме најдено дом. Апелираме многу пати во нашите објави на нашата фејсбук страна но не допира до човечките срца. Сепак тоа е единствен начин за да го решиме проблемот со бездомните животни да пробаме да ги заловиме, вакцинираме и стерилизираме и да им најдеме дом. – истакна Арнаудов.


Мајка со повеќе кучиња минатата година беше оставена од сопственикот врзана за дрво

И полицијата бара помош од волонтерите, помагаат само општествено одговорни компании

Волонтерите од Анималија се жалат дека се оставени сами на себе. На минусни температури до импровизираниот стационар во Мауцкер одат со велосипеди или пеш, бидејќи немаат соодветно возило. Доколку некаде се јави проблем со бездомно животно полицијата не бара нас, посочуваат од Анималија, додавајќи дека изостанува поголема помош и од бизнис секторот. Донациите се реткост, а единствено општествено одговорни компании им пружаат помош, најчесто во храна за животните. 

Неодговорни сопственици ги оставаат милениците на улица

Сериозен проблем кој придонесува за зголемување на бројот на бездомни животни претставува неодговорното однесување на сопственици на миленици кои по извесен период се ослободуваат од своето куче оставајќи го на улица, а тоа го прават и туристи од другите градови кои го посетуваат Охрид, посочуваат волонтерите. Иако поретко се случува токму туристи, најчесто странци, да згрижат бездомно животно или да изразат желба волонтерски да помогнат во стационарот во Мауцкер.


Грижа и за инвалидизирани кучиња

Залови, вакцинирај, стерилизирај, вдоми

Од „Анималиа“ велат дека најефикасен начин за справување со проблемот со бездомните животни е тие да се заловат, вакцинираат, стерилизираат и да се вдомат, со што ќе се тргнат од улиците. Дополнително треба да се подобрат условите во прифатилиштето за бездомни животни во Мауцкер кое треба да го опслужува обучен персонал. Исто така потребно е да се работи на подигање не свеста кај надлежните институции и граѓаните од потребата за соодветен, хуман третман на бездомните животни, да се засилат контролите и да се казнуваат несовесните сопственици кои несоодветно ќе постапуваат со своите миленици, но и да се формира соодветна стручна служба која соодветно ќе постапува и ќе ги штити граѓаните од бездомни животни.

OhridNews