Со изведба на претставата „Енергични луѓе“, Народниот театар Охрид синоќа на сцената при НУ Центар за култура „Григор Прличев“, го одбележа Светскиот ден на театарот, 27 Март.

По тој повод актерот Филип Кипровски ја прочита националната порака на театарските работници што ја напиша Теута Ајдини-Јегени. Во неа се истакнува дека задача и мисија на театарот е и да го следи животот, да реагира на случувањата во општеството, во светот, да укаже на опасностите и девијациите во нормалноста и хуманоста, да ги соопшти пораките кои светот и човекот има потреба да ги слушне во времиња на кризи.

Да ги отстраниме драмите од нашето секојдневие, од улиците, градовите, селата, каде што поради болните амбиции на некои ликови со моќ и диктаторски амбиции; терористи, екстремисти и манипулатори со верските и етничкитете чувства, страдаат нечии деца, браќа и сестри, родители, љубени, блиски, соседи, сограѓани, сонародници… луѓе од крв и месо.
Драмите, трагедиите, не треба да се одвиваат на ниедно друго место, освен на театарската сцена. –  се вели во пораката на Теута Ајдини-Јегени.

Меѓународната порака по повод светскиот ден на театарот годинава ја испрати египетската актерка Самиха Ајуб За, а  ја пренесе актерот Ивица Цонев.

Нашиот свет никогаш не бил толку блиску поврзан меѓусебе како што е денес, но во исто време никогаш не бил ниту повеќе одалечен и дисхармоничен каков што е денес. Тука лежи драмскиот парадокс кој современиот свет го истакнува пред нас. И покрај тоа што сме изложени на совремниот начин на размена на вести и пренос на информации и комуникации кои ги кршат сите географски бариери, напротив светот сведочи конфликт кои ги надминува границите на логичката перцепција и креира, одразува очигледно зближување. Сепак фундаменталното разидување не дистанцира сите нас од есенцијалното во хуманоста – од едноставната суштинска форма. – се вели во пораката на Самиха Ајуб За.

OhridNews