Манчестер Јунајтед направи крупен чекор кон петтото финале во  историјата на Лигата на Шампиони.  “Црвените ѓаволи“ триумфално се “прошетаа“ низ Гелзенкирхен и славеа со 2-0 .


Својата големина избраниците на Сер Алекс Фергусон ја покажаа на Велтинс Арената мелејќи го противникот во секој поглед. Единствена нерешлива енигма на “бебињата“ во првиот дел беше неприкосновениот Мануел Нојер кој со фантастични паради ги одржа “сините“ во живот.


Во вториот дел “црвените ѓаволи“ продолжија таму каде што застанаа, опсадата кон голот на Нојер беше се пожестока. Бедемот попушти во 67-та минута кога англискиот репрезентативец Вејн Руни протури една топка за ветеранот Рајан Гигс кој шутира низ нозете на Нојер за водство на Јунајтед.

Само две минути му беа потребни на Манчестер Јунајтед уште еднаш да го “нокаутира“ својот противник.  Чикарито се ослободи од неколку противнички фудбалери асистира за Вејн Руни кој не греши и го матира одличниот Нојер.

Реванш натпреварот од 1/2 финалето на Олд Трафорд се игра на 4 мај.

Мх.П.