Охридскиот супер херој Марко Пејчиновски, по испливани 64 километри на релација Охрид-Струга-Св. Наум-Охрид, утрово пристигна на градското пристаниште. каде беше бурно поздравен од стотина граѓани кои, не го криеја возбодувањето што се сведоци на историски момент кој долго ќе остане во колективната меморија.


Подвигот на Марко е дотолку поголем бидејќи поради здравствени проблемиМарко  плива само со раце.

Се чувствувам одлично. Беше тешко, пред се поради неповолната струја на моменти, но успеав да ги надминам проблемите и за разлика од 2019 да испливам до целта. – изјави кратко шеснаесетгодишниот Марко по завршување на големиот подвиг на празникот Успение на Пресвета Богородица.

Откако ја започа својата пливачка кариера до денес, Марко прави подвизи кои никој до сега ги нема направено. Постојано ги крева стандардите, прави нешто поголемо, нешто потешко. Целта му е да го тргне зборот невозможно од нашиот речник.

Да докажам дека сите можеме да успееме, без разлика на препреките кои ни стојат на патот, порача Марко во мај кога ги најавуваше подвизите кои ги оствари ова лето.

 

На Марко му беа потребни нешто над 21 час да го преплива Охридското Езеро „в долж и препреку“ од Охрид до Струга, оттаму до Св. Наум, па назад до Охрид. Пливаше под сонце и ѕвезди следен од неговиот тим и официјални набљудувачи кои го верификуваа подвигот и ги евидентираа сите потребни параметри според утврдени критериуми, кои ќе бидат испратени до соодветната светска асоцијација за пливачки подвизи.

Марко го оствари подвигот за 21 час, 41 минутa и 48 секунди. Горди сме сите на него, секако требаат натчовбечки напори, ова е нешто натчовечко и не е нешто што може секојдневно да го видиме и да бидеме сведоци на тоа. Пливаше во рамномерен ритам со одлично темпо, кое забави само во еден момент поради силна струја која се движеше во спротивен правец од правецот во кој пливаше Марко, но и тоа успешно го надмина. Јас сум изненадсен не само од неговиот подвиг, туку и од брзината што ја постигна. Состојбата на Марко сите ја знаеме, генерално тој 99 проценти работи само со раце, нозете само ги одржува така што тоа му дава дополнителна тежина на целиот подвиг- изјави Миле Јовановски, официјален набљудувач на подвигот на Марко Пејчиновски.

 

Со денешниот подвиг Марко ги комплетира најавените 10 препливувања на разни релации на Охридското Езеро, во вкупна должина од 250 километри, нешто што до сега никој го нема направено.

Марко воедно е најмладиот пливач кој го препливал Охридското Езеро од Охрид до Св. Нум во двата правци. Но, тој е повеќе од пливач, тој е херој на нашето време кој промовира вистински вредности, толку потребни на нашето општество. Затоа пливај уште долго Марко, до следната цел!

Г. Момироски