Десеттина пливачи пливаат во група и се менува водството на маратонците на нешто по повеќе од час и половина по означување на стартот на 37.  Охридски пливачки маратон. Маратонците во моментов се до Трпејца.

Патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри од Свети Наум до Охрид ја пливаат деветнаесет пливачи, осум во женска и единаесет во машка конкуренција.

Боите на Македонија ги бранат четворица маратонци и тоа Леонид Мишевски, Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски во машка конкуренција, додека Росана Гошева во женска. Покрај домашните пливачи, на маратонот учествуваат и пливачи од Франција, Холандија, Бразил, Хрватска, Аргентина, Данска, Турција и Косово.

Температурата на водата е 24,5 степени, а дува северен ветер што ќе им претставува проблем на пливачите. Со оглед дека ветерот дува во спротивен правец маратонците, првите пливачи се очекува да бидат на целта некаде по 17:30 часот.

Наградниот фонд на маратонот изнесува 12000 евра, од кои 2000 се предвидени за најбрзите во двете конкуренции на две контролни бови, односно спринтови кај Пештани на 13 km и Метропол на 19 km. Оваа година маратонската трка е дел од престижната „LEN World Aquatics“.

Н.С.Ј.

фото. Г. Момироски

видео. А. Момироска