Симпатизери на Вардар од Скопје и од цела Македонија ги пречекаа ракометарите кои ја додадоа втората европска титула во клупските витрини. „Црвено црните“ од голем број луѓе пречекани беа најпрвин на аеродромот, беа поздравувани низ улиците на нашиот главен град а славјето кулминираше на плоштадот.

Прв на сцената се појави капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов кој започна со зборовите „Скопски Вардар е европскиот шампион“. Тој им се заблагодари на играчите, навивачите и сите кои веруваа во тимот на стартот од сезоната.

Микрофонот стигна кај Игор Карачиќ кој со освојување на европска титула се збогуваше со Вардар. – Скопје ќе биде мојот дом засекогаш. Не можам да ви опишам како се чувствувам и какви незаборавни седум и пол години поминав во клубот.

Сите се редеа на сцената пеејќи песни за Вардар и нашата земја. Емоција покажа и ладниот шпанскиот стручњак Гарсија Парондо кој цела сезона и покрај проблемите делуваше смирено на клупата.

  • Овие момци се златно вредни во буквална смисла на зборот. Нема да верувате низ што се поминавме сезонава и успеавме да стигнеме сите заедно да прославуваме титула. Ви благодарам за се! – порача шпанскиот стручњак.

Со освојувањето на титула во ЛШ, Вардар ја заокружи сезоната како успешна. „Црвено црните“ ги освоија титули во СЕХА лигата и националното првенство, додека во Купот на Македонија триумфираше Металург.

OhridNews