На 31 август се одржа 37. Охридски пливачки маратон на кој триумфираа бразилецот Матеус Еванжелиста во машка и французинката Каролин Жуис во женска конкуренција. Еванжелиста 25 километри долгата патека „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид ја мина за време од 5 часа, 45 минути, 5 секунди, додека времето на Жуис беше 5 часа, 46 минути и 51 секунда.

Во машка конкуренција втор на целта пристигна Марсел Схауле од Холандија со време 5 часа 46 минути 50 секунди, само две секунди пред нашиот претставник Евгениј Поп Ацев кој заврши трет со време од 5 часа 46 минути 52 секунди.

Втора во женска конкуренција пристигна на целта Мајте Пука од Аргентина со време од 5 часа 52 минути 36 секунди пред Инес Делакроа од Франција која пристигна трета со време од 5 часа 57 минути и 18 секунди.

Оваа година Охридскиот пливачки маратон беше дел од трките организирани од асоцијацијата „LEN World Aquatics“, според која беше направено рангирање на трката во кое предвид беа земени само времињата на пливачите од Европа.

Во 120 секунди погледнете ја магијата на 37. Охридски пливачки маратон низ видеото што го изработи екипата на OhridNews.

Магијата на 37. Охридски пливачки маратон

Охридскиот пливачки маратон се одржа во организација на Општина Охрид со поддршка на Претседателот на Република Македонија, Министерството за спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатор беше ПК Охридски бранови – Охрид.

Истиот беше дел од второто издание на Фестивалот на водени спортови „Ohrid water festival“.

OhridNews