Екипи на шумските јавни претпријатија од Охрид и Кичево потпомогнати од  професионалната противпожарна единица од Охрид, вчера во доцните попладневни часови го ставија под контрола големиот пожар што беснееше во месноста Голак на превојот Пресека.


Огнената стихија од кичевско околу пладне се префрли во охридскиот крај, при што беа зафатени десетина хектари сува трева и нискостеблеста шума. Во гасењето на пожарот на сртот од превојот Пресека учествуваа 60-на вработени од шумското стопанство Охрид и пожарникари. Гасењето на пожарот беше отежнато поради непристапноста на теренот, па тоа се вршеше со напртњачи кои се пренесуваа со коњи до местото на пожарот.


водата до тешко пристапниот терен се носеше со коњи

Директорот на шумското јавно претпријатие од Охрид, Илија Дуклески, ни изјави дека пожарот е ликализиран, но и дека состојбата на терен будно ќе се следи и натаму. Вчера пожар изби и во атарот на охридското село Сошани кој со брза интервенција на охридските пожарникари и екипи на шумското јавно претпријатие бил изгаснат во попладневните часови.


Пожари демнат во охридско

Г. Момироски