По повод денешната објава на OhridNews за пристигнувањето на првиот регрут на АРМ во Охрид, интересно потсетување на тој историски 14 април 1992 година во гарнизонот во Охрид, објави портпаролот н свр Охрид и поранешен новинар, Стефан Димовски . Првиот регрут- припадник на Армијата на Република Македонија, Панче Јамандиев од Титов Велес, бил првиот војник на новата македонска армија кој, воениот рок го започнал во Охридскиот гарнизон а на војничката капија, прв го пречекал командантот на Гарнизонот на АРМ во Охрид, полковникот Јосип Хајба.

Пред свечената заклетва-обврска на првата генерација војници на АРМ, присуствувале тогашниот министер за одбрана на РМ, Трајан Гоцевски, началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Митре Арсовски, командантот на корпусот, полковник Панде Петровски, пратеници во македонскиот парламент од Охрид и Струга, претставници на Сојузот на борците од НОБ, претставници од полицијата и другите државни органи, бројни граѓани и роднини на војниците. Пред свечената заклетва, рапорт на министерот Гоцевски, му предал командирот на касарската стража на охридскиот гарнизон ,капетан Зоран Костовски.

Инаку, полковникот Јосип Хајба е првиот командант на охридскиот гарнизон. Тој, во името на Армијата на Република Македонија во 1990 година и заминувањето на поранешната Југословенска народна армија, ги презеде граничните караули, тогашната морнарица и охридскиот гарнизон, играјќи една од клучните улоги на овие простори од осамостојувањето на Република Македонија. Со полковникот Јосип Хајба е поврзан и почетокот на изградбата и предавањето во употреба на првата фаза од сегашниот Спортско – рекреативен центар „Билјанини Извори“ во Охрид. Полковникот Хајба, по повод одбележувањето на првиот јубилеј на македонската армија, бил меѓу поканетите шест најзаслужни луѓе во Македонија за создавање на АРМ на прием кај првиот македонски претседател Киро Глигоров, потсетеува Димовсјки во објава на Фејсбук.

OhridNews