Јубилејното 20-то издание на културната манифестација „Поетската ноќ во Велестово“, ќе се одржи во два дена, соопшти организациониот одбор на манифестацијата. Покрај традиционалната поетска ноќ што ќе се одржи кај селската чешма пред црквата Успение на Пресвета Богородица, годинава манифестацијата ќе има и ревијален дел во кој различни уметници ќе творат во Велестово. Дваесетото издание на оваа престижна поетска манифестација годинава ќе се одржи во новиот Дом на култура во с. Велестово кој интензивно се гради. Се очекува тој да биде завршен до почетокот на манифестацијата која традиционално се одржува во месец август.

Новиот културен центар во Велестово

Културниот дом во Велестово ќе работи 365 дена во годината и ќе биде собиралиште на уметниците кои тука ќе имаат свое катче каде ќе можат да творат“, ни изјави Славе Ѓорго Димоски, претседател на манифестацијата. Изградбата на Домот на културата во Велестово со 7 милиони денари ја финансира локалната самоуправа. Во него покрај ателјеа и други културни содржини ќе има и 6 апартмани во кои ќе бидат сместени учесниците на манифестацијата.


Славе Ѓорго Димоски

„Дваесетгодишниот јубилеј е потврда за една трајност  и квалитет на манифестацијата која  вреди да се негува“, изјави градоначалникот на Охрид, Александар Петрески. Со изградбата на домот на на културата, поезијата и уметноста, општината дава скромен придонес за жителите на ова село и за манифестацијата која конечно ќе добие соодветен простор достоен на нејзиното реноме, додаде Петрески. На овој начин покажуваме јасна намера за дисперзирање на културните настани од општинскиот центар бидејќи сметаме дека тоа е неопходно за Охрид да може подедакво да се развива како општина, рече Петрески.


Општината издвои 7 милиони денари за културниот центар во Велестово –
Петрески со изведувачите на работите

Годинава програмата на „Поетската ноќ во Велестово“ ќе биде збогатена и со офф програма во чии рамки за прв пат ќе учествува и еден уметник од странство. Тоа е американскиот ликовен уметник Дик Робертс кој заедно со македонскиот колега, познатиот уметник Сергеј Андреевски, ќе творат на тема Александар Македонски.

Г. Момироски