Најмалку три лица загинаа во налетот на ураганот Ирма кој вчера пристигна на американскиот брег и ја погоди сојузната држава Флорида. При ударот на брегот на Флорида ураганот Ирма достигна јачина од 4та категорија а ветровите дуваат со брзина од 130 километри на час. Властите извршија евакуација на над 5 милиони жители на Флорида, а околу 4 милиони домаќинства и правни субјекти ќе останат без електрична енергија поради големото невреме кое предизвика милионски штети.Претходно Ирма ги опустоши Карибите и Куба.

Снимките од Флорида кои го обиколија светот говорат за силината на невремето и огромните штети кои тоа ги предизвика.

Министертвото за надворешни работи на Македонија соопшти дека Амбасадата е во континуирана комуникација со надлежните служби во САД и досега нема информации за повредени или загинати македонски државјани.

„Претставниците од македонската амбасада во Вашингтон стапија во контакт со македонската државјанка која престојуваше во францускиот дел на островот Сент Мартин, која е евакуирана на безбедно. Во контакт се и со семејството кое се наоѓаше во холандскиот дел на Сент Мартин и кое веќе е евакуирано од островот.

Апелираме на будност и следење на препораките, имајќи предвид дека опасноста од ураганот се’ уште не е надмината.“ – соопшти МНР.

Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се: 202-390-7418 и 202-667-0501.

Во меѓувреме ураганот Ирма се смирува и достигна категорија 1 на скалата до 5, со ветрови од 85 километри на час и се движи кон Џорџија, а се очекува да ги погоди и сојузните држави Тенеси, Алабама, Џорџија и Јужна Каролина.

Претседателот на САД Доналд Трамп на Флорида прогласи состојба на природна катастрофа.

OhridNews